Во Дебар сите деца се вакцинирани

Според доктор Љуљзим Стрикчани, од Службата за имунизација при Здравствен дом, Службата со која тој раководи може да се земе како пример и за поголемите градови,како што се Скопје,Тетово,Гостивар...

165

Дебарскиот регион, поточно општините Дебар и Центар Жупа се на највисокото место во државата кога станува збор за опфат на децата со задолжителната имунизација. Истата кај децата е над 98 отсто и овој висок процент е присутен повеќе години на ред.

Според доктор Љуљзим Стрикчани, од Службата за имунизација при Здравствен дом, Службата со која тој раководи може да се земе како пример и за поголемите градови,како што се Скопје,Тетово,Гостивар…

– Високиот процент на реализација на задолжителната вакцинација не е само последица на ангажираноста на вработените во нашата служба, туку и на високото ниво на здравствена култура кај граѓаните, кои навистина се грижат за здравјето на своите деца. Тие секогаш навремено, што се гледа и од процентот, се јавуваат за вакцинација на нивните деца- додава Стрикчани.

Проблеми нема и кога станува збор за ХПВ вакцината што ги заштитува од канцер на грлото на матката.

– Оваа вакцина се дава на женските деца на 12-годишна возраст во две дози и нема никаков проблем од страна на мајките од нашиот регион за да ги вакцинираат своите ќерки, како што има проблеми во други градови. Тие се свесни дека на тој начин го заштитуваат здравјето на нивните чеда, нагласува Стрикчани.

Мајките знаат за важноста на имунизацијата

Со раѓањето на децата, посочува Стрикчани, веднаш родителите се јавуваат во службата и добиваат картон за вакцинација и строго ги почитуваат датумите за тоа. Идентична оценка е и за жителите од градот и за оние од селските населби.

Ваљбона Пероска е мајка на две деца. -Ќерката има четиринаесет, а синот единаесет години. Редовно, од првата вакцина која се дава по поордувањето, децата ги носам на вакцинација. Тоа е за доброто на децата, за нивното здравје, вели Пероска.

– Не ги слушам разните, според мене шпекулации, дека децата не треба да се вакцинираат. Моето синче веќе има добиено три вакцини. а сега за некој ден и четвртата. Медицинско лице сум и сметам дека токму поради редовното вакицнирање на децата во нашето подрачје веќе се искоренети многу болести, како што на пример се морбилите- вели мајка на шестмесечно бебе.

Се вакцинираат и децата на печалбарите и децата „фантоми“

Во дебарската служба за вакцинација за поздравување е уште една позитивна појава а тоа е вакцинација и на децата на нашите печалбари.

– Нашинците кои работат во некоја од западно европските земји за време на летните одмори кои ги минуваат во родниот крај, но и во зима кога доаѓаат за покусо, доколку сакаат нивните деца да примат вакцина тоа го прават во службата на Здравствен дом во Дебар – вели Стрикчани.

Според него тоа со цел да не се попречи редот во добивањето на вакцините, а што е во интерес на здравјето на младата популација.

– Во последно време има многу фамилии од Дебар и околината што заминуваат во странство како азиланти и поради тоа што многу од нив после неколку месеци или години се враќат пак во родниот крај ние се трудиме да одржуваме контакти со нив да кога ќе се вратат во Дебар да се јават во нашата служба и да продолжат со вакцинацијата на нивните деца -нагласува докторот кој е еден од тројцата во службата кои максимално се ангажирани за редовна вакцинација на децата.

Истото мислење го дели и медициснкиот техничар Ѓунер Поцеста

– Во оваа служба работам повеќе речиси три децении. Вакцинација вршиме тука во просториите на службата за децата од градот а за остантите одиме на терен. Напорно е бидејќи сме малку по број, но задоволство е кога успешно ја завршуваме работата, што значи и здрава млада популација -вели Поцеста.

Со ист став е и нејзиниот колега Навзија Исламоски, кој дополнително е задоволен и од фактот што како резултат на нивното залагање се вакцинираат и децата фантоми.

– Кај нас тој број е мал. Станува збор за осум деца кои не се внесени во матичната книга на родени а со тоа и во нашата евиденција. Но, градот е мал па сите се познаваме што не е тешко да ги откриеме децата и секогаш редовно ги повикуваме за вакцина. Секако тука имаме и одлична соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работа- нагласува Исмаиловски.

Бројката за децата „фантоми“ ја потврдаат и од стручната служба на Центарот.

– Станува збор за деца на две семејства, за кои веќе е во тек постапка за нивно запишување во матичната книга на родени. Оваа актвиност Министертвото за труд и социјална политика ја почна од 1 април и ќе трае шест месеци, зашто на ниво на држава се проценува дека има околу 3000 лица кои немаат никакви документи и државјанство. Тие ќе добијат привремен регистарски број, со кој ќе можат да добијат здравствена заштита, право на социјална помош и образование – потврдуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар а кој со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.

Дебарската служба за вакцинација, која ги покрива двете општини и врши вакцинација на деца до 18-годишна возраст, просечно годишно вакцинира по околу 2.100 деца.

Вера Тодоровска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...