Системот наречен непостоење систем

1166

Другари, џабе се палите на лидершипот и на нивните меѓусебни телевизиски дуели. Тие се црешата на врвот од тортата полна со помија.

Македонија е целосно нефункционална држава заробена од полициско-разузнавачки структури, кои во спрега со транзициската и посттранзициската олигархија практично управуваат со државата и ги поседуваат сите ресурси, информации и капитал.

Нефункционалноста не е инцидент, туку трајна состојба. Така е затоа што само во таква состојба е можно овие структури да бидат доминантни.

Заглавени сме на патот за никаде и секој обид за некаква нормализација и ставање во колосек на работите завршува погубно за иницијаторот на таквата нормализација. Дали ќе заврши во затвор или ќе се самоубие е само прашање на проценка.

Тоа го знаат сите чинители па затоа не таласаат и едноставно оставаат работите  да се одвиваат стихијно. Знаат дека ништо од нив не зависи, ниту нешто можат да променат.

Македонија егзистира по некаква инерција дишејќи на шкрги веќе со децении. Го гледам тоа секојдневно од внатре, во самите институции. Нема систем, нема концепт, а нема ниту сила, ниту волја да се  воспостави. Се плива во некакво лимбо без компас.

Ако почнам да навлегувам во детали и да ги објаснувам овие мои длабински запазувања, треба цела книга да напишам. Еве, само како информација, ќе споменам дека Македонија нема централна база на податоци која би била дистрибуирана до сите институции кои имаат потреба од соодветни информации, а таа база е основа, костур на секоја организирана држава од аспект на евиденција на ресурсите, креирање стратегии, но и оптимизација на средствата и потенцијалите. Со непостоењето на ваков систем се остава огромен простор за злоупотреби, манипулации и лов во матно.

Ова е само еден сегмент од системот наречен непостоење систем. Можам да набројувам примери на нефункционалност до утре, но нема поента.

Затоа велам, не се палете на дуели, кој на кого што му рекол и како реплицирал, тоа е само гребење по површината на амбалажата без содржина. Шупливо е до болка и во догледно време ова нема да се поправи.

(ФБ статус на авторот)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...