Грција ставила вето на заедничката изјава што се подготвувала да се издаде по синоќешниот состанок на северно атлантскиот совет на ниво на амбасадори, бидејќи САД, Велика Британија, Франција и Германија не се согласиле во текстот да биде вклучен и дел за бегалското/ мигрантското прашање, објавија онлајн изданијата на грчките весници „То вима“ и „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори и информации, јави дописничката на МИА од Атина.
Според „То вима“, одлуката дошла по наредбата на шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, до постојаната делегација на Грција во НАТО, бидејќи во текстот на заедничкото соопштение не бил вклучен грчкиот предлог за почитување на Договорот од 2016 меѓу ЕУ и Турција за бегалското/ мигрантското прашање.
„Катимерини“ пишува дека турската страна, на состанокот го споменала бегалското прашање, објаснувајќи дека не може да се грижи за четири милиони бегалци и мигранти кои што се наоѓаат во внатрешноста на земјата, а САД, Британија, Германија и Франција покажале целосно разбирање за позициите на Турција.
– Впечатлив е фактот што, освен претставниците од Грција, никој од останатите не го постави прашањето за присуството на турските вооружени сили во операција надвор од нејзините граници, пишува „Катимерини“.