Првообвинетиот во судскиот предмет „Рекет“, Бојан Јовановски Боки 13-ка денеска повторно се жалеше на мерката затворски притвор кој го издржува седум месеци. Тој пред судија во Апелацискиот суд рече дека се чувствува дискриминиран бидејќи еден од аргументите да му биде одреден притвор поради опасноста дека може да побегне е тоа што нема засновано свое потесно семејство како и тоа што нема недвижен имот и не е вработен.
– Моја лична определба е дали ќе засновам потесно семејство. Тоа е директен говор на дискриминација, никој не може во мое име да кажува дали треба да имам семејство. Има многу високи политичари кои имаат синови и ќерки, а се во бегство – рече Јовановски.
Тој реагираше и на аргументот дека е невработен, па додаде дека бил прокурист на 1ТВ и дека е сопственик на 16 трговски марки регистрирани во Заводот за индустриска сопственост.