Притоа, како што соопшти владината прес-служба, оценето било дека нашата држава, во однос на ситуацијата со Корона вирусот, покажала висока подготвеност во примената на препораките на СЗО во делот на превентивата и во реакциите за заштита, како и оти е успешен пример како треба да се постапува и за други земји.
На средбата биле споделени најновите информации околу ситуацијата со Корона вирусот и биле констатирани како важни навремената информираност на граѓаните за мерките за самозаштита, доследно следење на препораките на СЗО од страна на надлежните државни институции и преземањето навремени мерки за изолација на потенцијални случаи што нашата држава го прави.
– Ги презедовме сите потребни мерки, според препораките на СЗО и сите други мерки за коишто проценивме дека се потребни, со цел пресекување на патот на вирусот. Бевме свесни за можноста за појава на вирусот и во нашата држава и поради тоа ги направивме потребните подготовки. Кризниот штаб, формиран за справување со Корона вирусот, посветено ги следи новите информации и е подготвен да ги даде навреме потребните насоки за реакција – посочил премиерот Спасовски.
На средбата се разговарало и за важните реформи за здравствениот систем, при што заеднички била посочена важноста од мотивирани здравствени работници кои ќе работат во својата родна земја.
– Нагласена е посветеноста кон здрави работници, кои на тој начин можат да бидат продуктивни и во економијата. Заеднички е изразена определба кон развивањето култура на здравје и здрав начин на живот, кон што нашата држава, како што е речено, е подготвена да работи заедно со СЗО, како земја којашто е определена кон почитување и придонес кон европските критериуми и вредности. Во оваа насока, оценето е дека земјава е на вистинскиот пат и дека треба да продолжи со реформите што се од значење на граѓаните, се вели во соопштението од Владата.
На средбата биле присустни и министерката за финансии, Нина Ангеловска и заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, а Клуге бил придружуван од претставници на СЗО и од Џихан Тавилах, шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје.
Претставниците од СЗО од Европа, се тука за вториот Национален форум „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.