Епидемијата на новиот коронавирус ќе го чини светскиот туризам најмалку 22 милијарди долари како резултат на падот на трошењето на кинеските туристи, објави Гардијан, пренесувајќи изводи од анализа на Светскиот совет за патувања и туризам.
– Премногу е рано за точни податоци, но ССПТ направи прелиминарни пресметки во соработка со истражувачката фирма „Оксфорд економикс“ и тие покажуваат дека секторот ќе чини најмалку 22 милијарди американски долари оваа криза – рече Глорија Гевара од Светскиот совет за патувања и туризам.
„Пресметките се засноваат на претходни искуства, како што се кризи со САРС или Х1Н1, како и загуби што произлегуваат од отсуството на кинеските туристи во последните неколку недели. Кинезите се туристи кои трошат најмногу додека патуваат“.
Наведената бројка за загуба е најпозитивното сценарио предвидено со студијата објавена од Оксфорд економикс, која се пресметува врз основа на хипотезата за пад од седум проценти на бројот на кинески туристи што патуваат.
Но, тие загуби би можеле да бидат повеќе од двојни, според „Гардијан“ – бројката може да достигне дури 49 милијарди американски долари доколку кризата продолжи како епидемијата САРС, што се појави во ноември 2002 година и беше ставена под контрола во јули 2003 година.