Нема потреба од паника од тревога и паника за коронавирусот, граѓаните треба да ги почитуваат сите нормални мерки за заштита од болести, а државните власти да бидат во состојба на приправност – порача денеска регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, при учеството на вториот Национален форум за здравје во Скопје.
Како што информираше, моментно на светско ниво има 81.104 случаи со коронавирус, во 46 држави, од кои 20 земји се во рамки на Европскиот регион на СЗО во кој вкупно има 53 земји.
– И во последниве 24 часа има уште седум дополнителни земји каде што се јавија случаи, значи на тие 20 уште седум. Но, да не зборавиме дека од вкупниот број случаи 97 проценти се во Кина. Ова е важно да се каже затоа што треба да се има предвид она што се нарекува пропорционална реакција, наведе Клуге.
Според него, нашите македонските здравствени власти и Владата ги спроведуваат препораките од СЗО. Дури и пред да се јави вчерашниот прв случај со корона, како што укажа, беше формиран мултисекторски комитет за итни ситуации под директно раководство на премиерот. Заедно со помош на СЗО беше направена проценка на капацитетите, не само на човечките ресурси, туку и на инфраструктура. Секој ден се комуницира со граѓаните и тоа двапати дневно, постојат установи кои се на располагање и се спремни за евентуално да ги примат пациентите. Исто така во делот на превентивата вклучени се и 10-те регионални центри за јавно здравје.
– Се што треба се прави и се работи, но бидејќи станува збор за непредвидлива ситуација не можеме да знаеме што ќе се случи, тоа важи како за Северна Македонија, така и за Италија и за други земји – изјави Клуге.
Тој вчера дошол во Скопје од Рим каде што имал состанок со италијанскиот министер за здравство, со европскиот комесар за безбедност на храна и здравство и со директорот на Европскиот центар за контрола на болести. Минатиов викенд испратил експерти од СЗО и од Европскиот центар за контрола на болести да отидат во Италија и да видат што точно се случува на терен и да помогнат колку што можат.
– Она што го знаеме е дека во регионот на Венето во Италија имаме два случаја кои не се епидемиолошки поврзани, односно тие немале контакт ниту со пациент, ниту со некој кој патувал во Кина и тоа е сега предмет на нашата работа, односно нашите истражувања се токму во таа насока. И не може да се исклучи можноста дека можат да се појават кластери на локализирана појава на зголемен број на случаи, како што имаме денес во Италија, утре може да биде во друга земја и слично – рече Клуге.
Исто така, дополни, ова е поврзано и со капацитетот за тестирање на мострите. Ниту една друга земја нема направено толку многу тестови како Италија, каде заклучно со вчерашниот ден се направени над 10 илјади тестови.
– Многу внимателно и будно ја следиме состојбата. Денес се уште сме во фаза која се нарекува – ситуацијата е задржана под контрола – нагласи Клуге.
Тој порача дека нема потреба за тревога и за паника. Факт е, вели, дека се работи за нов вирус, но и да не се заборави дека во различни делови на европскиот дел на СЗО секоја година од сезонски грип умираат помеѓу 60 илјади и 65 илјади лица.
Граѓаните ги советува да ги почитуваат сите нормални мерки за заштита од болести, да одржуваат хигиена на рацете, кашлање и кивање да прават во лактот или марамче и да ги фрлаат во затворена канта, да се дистанцираат на 2-3 метри растојание од некој кој кашла или кива… Укажува и да се информираат од веродостојни извори, како што е од Министерството за здравство или СЗО затоа што, потенцираше, се соочуваме не само со епидемија туку со нов термин инфодемија и феноменот на лажните вести. Ја истакна и потребата за заштита на здравственитре работници.
Пораката до владите, укажа, е да останат во состојба на приправност на што е можно повисоко ниво. Прво, да можат да бидат способни да откриваат случаи. Второ, да постапуваат со пациентите со емпатија и дигнитет бидејќи знаеме дека многу негативни ефекти доаѓаат од т.н. социјална дискриминација. Трето, превенција и контрола на инфекциите, односно спречување на заразите внатре во самите здравствени установи. Четврто, битно е владите да комуницираат со своите граѓани на јазик којшто граѓаните го разбираат, со таков вокабулар, со таква терминологија, рече Клуге.