Шилегов: Сите екскурзии за Италија ќе се одложат на неопределено време

103

Сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.

– Во 23 средни училишта на Град Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата. Согласно со задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата на РСМ – најави Шилегов.

Тој нагласи дека денеска до директорите на средните училишта издал наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции.

Училишните раководства треба веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии треба да прават дополнителни безбедносни проценки.

– Училишните раководства веднаш да почнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за соодветно информирање, превенција и справување со корона вирусот. Во оваа насока укажуваме дека Градот Скопје ќе ја обезбеди потребната логистичка поддршка и координација со релевантните здравствени институции. Училишните раководства се задолжуваат да ги стават на користење средствата што ги обезбеди Градот, да одржуваат највисоко ниво на хигиена, применувајќи ги сите санитарни-хигиенски средства и активности кои им се на располагање. Градот Скопје има обезбедено доволно количини антибактериски сапуни за училиштата. Во изминатиот период во јавноста се шират разни гласини во врска со овој вирус. Апелирам да не се крева паника, апелирам на трезвено однесување и на институциите и на граѓаните. Нема простор за паника. Градот Скопје како основач и надлежна институција за средните училишта, непрекинато и одблизу ја следи состојбата во училиштата и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на здравјето на сите членови на училишните заедници – нагласи Шилегов.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...