Синоќешниот силен ветер го откорна и покривот на средното хемиско училиште во Скопје, каде денеска нема настава.
„Кровот на Хемиско е ‘реконструиран’ во 2009 година, кога министер беше Никола Тодоров и тоа од страна на Министерството. Квалитетот на ‘реконструкцијата’ е видлив на фотографијава“, напиша градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на својот профил на Фејсбук.
– Таму денеска настава нема да има, бидејќи училиштето во моментов е без кровната конструкција. Во моментов службите работат на расчистување на теренот, вклучувајќи го тука јавното претпријатие „Улици и патишта“. Реконструкцијата на кровот е направена во 2009 од Министерството за образование под тогашно водство на Никола Тодоров. Фасадата која ние ја правиме, го издржа ветерот и нема оштетувања – рече Шилегов денеска на прес конференција.
Тој денеска информираше дека има само едно повредено лице од синоќешното невреме што го зафати главниот град предизвикано од ветер со брзина од над 100 километри на час.
– Најмногу штета со паднати кровови имаше во Карпош на потегот од мостот Обединети Нации до „Скопје сити мол“, но и тоа беше расчистено до 3 часот изутрина – рече Шилегов.
Откорнати биле 50 дрва на различни локации, а предизвикана е и штета со паднати фасади на објекти од проектот „Скопје 2014“.