Втор сомнителен случај на вирусот корона се испитува во Скопје, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Денеска на клиниките дошле уште двајца луѓе за испитување – едниот е возач на камион кој поминал низ Северна Италија, кој бил негативен на корона, а друга е патничка која била во Рим.
– Пациентката нема знаци за компликации. Кај сите кои биле во комбето и луѓето со кои биле во контакт е препишана изолација. Доброто е тоа што сите тие немале контакт со голема маса луѓе. Ќе видиме дали ќе продолжи домашната изолација. Другото лице што дојде за тестирање покажува мали знаци на корона вирус, но верувам дека тестот ќе биде негативен – рече Филипче.
Тој објасни дека оваа пациентка била со својот сопруг на прошетка во Рим.
– Кај неа една третина од тестот е позитивен, што може да биде присуство на некој друг вирус, и во моментов се прават дополнителни испитувања. Нејзиниот тест е само парцијално позитивен што може да биде вкрстена реакција од други вируси. Затоа се прави дополнително тетсирање за да се отстранат сомнежите. Резултататите ќе бидат готови за два часа. Подетални информации ќе добиете подоцна на прес-конференција – најави министерот Филипче.