Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК во своето сведочење за грозоморното петкратно убиство кај Смиљковското езеро, рече дека за настанот дознал вечерта на 12 април 2012 година, половина час откако се случил.
– Половина час по случувањата бев известен за настанот. УБК беше вклучена во оперативниот дел, односно во својство и улога на собирање информации по однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и на БЈБ – рече Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи „кои беа вашите задолженија, како вие учествувате во расветлување на настанот“.
Таа го праша Мијалков дали се сеќава на разговор со Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи кој се случил на 29 јануари 2013 година, како и дали контактирал со Муса Џафери кој исто така е сведок во случајот „Монструм“, а во времето на убиството беше вицепремиер.
На ова, но и на повеќе други прашања Мијалков одговараше со „Не се сеќавам“ или, „Не можам да знам“, истакнувајќи дека е поминато многу време од трагичниот настан, но и тоа дека истрагата ја водело Бирото за јавна безбедност под раководство на надлежен јавен обвинител.
– Тоа ќе мора да го прашате премиерот, не би сакал да давам паушални одговори – рече сведокот Сашо Мијалков на прашање на Горан Наќевски, родител на едно од убиените момчиња кој го праша дали е запознаен со исказ на поранешниот премиер Зоран Заев кој на средба со родители на убиените момчиња рекол дека во убиството биле замешани и тајните служби.
– Не се сеќавам на таков разговор – одговори Мијалков кога еден од бранителите праша дали тој и кажал на Јанкулоска дека поранешниот министер за правда Блерим Беџети не сака да потпише и да испрати барање за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои побегнаа на Косово.
Мијалков одговараше на прашања и на еден од обвинетите кој го праша дали се сеќава дека веднаш по приведувањето на осомничените во Американската амбасада во Скопје поднел досие за нив и дали имал состанок со некој од амбасадата на САД.
– Имавме размена на информации, но не можам да се сетам дека сум однел досие – рече Мијалков.
Тогаш обвинетиот Фејзи Азири се повика на транскрипт од една од „бомбите“ во кој се води разговор помеѓу новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Јордан Камчев, а во кој било спомнато дека Мијалков ги однел досиејата во американската амбасада. Разговорот се случил на 1 мај 2012 во 20.57 часот.
Откако беше прочитан разговорот од транскриптот, Мијалков објасни дека станувало збор за размена на информации, а не дека биле однесени досиеја за осомничените.
– Не знам од каде Камчев ги знаел тие информаци, но како што објаснив и претходно имавме размена на информации – рече Мијалков кој објасни дека мотивите и сите други аспекти за настанот се содржани во списите на јавното обвинителство.
– Кој ги даде информациите дека осомничените биле припадници на Ал Каеда – праша еден од адвокатите.
– Не можам да се сетам дека сме добиле информации дека биле на боишта. Не се сеќавам дали оперативната обработка за исламистичка група се издиференцирала во овој случај. УБК само беше партиципиент во истрагата и учествувавме на состаноците во БЈБ каде на дневна основа се среќаваа сите оние кои беа задолжени за случајот. Сите мотиви во овој случај ги класифицираше надлежен обвинител – одговори Мијалков на прашање на еден од бранителите на обвинетите кој праша од каде биле сознанијата дека осомничените биле припадници на Ал Каеда и дека учествувале во боишта во странски држави.
Судењето е во тек, а се очекува да сведочат и Муса Џафери, Блерим Беџети, како и Синиша Алексовски, поранешен советник во претседателскиот кабинет во времето на Ѓорѓе Иванов.