Тодоровиќ не дојде да сведочи за „Рекет“, судењето одложено за утре

229

Поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ не се појави денеска во Судот, каде што требаше да сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“.

Судењето се одложува за утре, за кога одбраната треба да ги обезбеди сведоците Тодоровиќ и Лидија Јаневска, која исто за денешното рочиште имала неуредна достава на покана.

Тодоровиќ, со писмен поднесок го известил судот дека од 25 до 28 февруари ќе престојува во Бугарија поради деловни обврски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Тодоровиќ е еден од 12-те предложени сведоци од обвинетиот Бојан Јовановски.

Судијката Васка Николовска-Масевска, информираше дека Судот го одбива барањето на обвинетиот Бојан Јовановски за укинување на мерката притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...