Филипче: Заразената пациентка е во добра состојба, а нејзините сопатници се ставени во домашна изолација под полициски надзор

Тој откри дека четворица од патниците биле соседи од Скопје, а петмина се струмичани.

1711

Пациентката која е позитивна на коронавирусот има зафатеност на само едно белодробно крило и не е потребна механичка вентилација, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Тој рече дека веќе се идентификувани сите 9 патници во комбето со коешто заразената жена пристигнала во земјава од Италија.

– Идентификувани се сите деветмина луѓе во комбето кое во земјава влегле на граничниот премин Табановце. Осуммина се патници, а еден е возачот на комбето. Со сите е контактирано телефонски. Кон нивните домови веќе се упатени епидемиолози и тие ќе им направат соодветна анкета, односно прашалник за дознавање податоци со кои лица овие патници комуницирале деновиве. Тестови нема да им се прават, а и тоа е целта на изолацијата која трае 14 дена. Ќе се следи ситуацијата, па ако се појават симптоми тогаш ќе настапиме со лекување – рече Филипче.

Тој откри дека четворица од патниците биле соседи од Скопје, а петмина се струмичани.

– Вечерва сите ќе останат во домашна изолација под полициски надзор. Врз основа на податоците со колку луѓе контактирале денеска, ќе се одреди дали да продолжи изолацијата или утре ќе бидат префрлени во Инфективните одделенија за надзор. Апелирам до јавноста дека нема простор за паника. Утре претпладне ќе го утврдиме тајмингот за следниот брифинг, кој сигурно ќе биде во попладневните часови – истакна министерот.

Тој додаде дека со оглед на тоа што заразената жена е 50-годишна, постојат огромни шанси таа да го победи вирусот.

– Разговаравме со претставници на граничната полиција и очигледно е дека пациентката не кажала дека има симптоми на коронавирусот, инаку веднаш ќе се реагирало. Инаку, никаде во светот нема терапија против коронавирусот. Пациентката нема потреба од респираторна машина, а со оглед на тоа што има 50 години и немала претходни проблеми со белите дробови, можам да кажам дека таа припаѓа во групата пациенти со огромни шанси за да се излекува – рече Филипче.

Тој објасни дека вирусот се шири преку зборување и апелираше до граѓаните постојано да имаат чисти раце.

– Од почетокот на заразата, па сè до крајот, има можност да се пренесе вирусот од човек на човек. Но, како што минува времето, така и болеста се  намалува. Маска треба да носи само лице за коешто знаеме дека е заболено од коронавирусот – објасни министерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...