Епископот стобиски г. Давид, во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, истакна дека Македонската православна црква (МПЦ-ОА) не може да го реши својот статус без Православната охридска архиепископија (ПОА).
– Тука постои таа терминологија „паралелна јерархија“. Ние, верувајте, мораме меѓусебно да го решиме проблемот. Ние се знаеме едните со другите и за таквата работа нам не ни требаат посредници. Ние треба да седнеме едни со други. Во тој дијалог треба да се обезбедат епископии за сите епископи на ПОА и на МПЦ-ОА. Треба да се разговара и за тоа кој ќе биде архиепископ. Друг момент е дека сето ова ќе треба да го ставиме на хартија и да го потпишеме, а дури потоа заедно да сослужуваме. Едноставно, без ПОА нема решение – рече г. Давид.
Тој потсети дека во октомври минатата година се одржала средба помеѓу Комисијата на Константинопол и Комисијата на СПЦ.
– На таа средба беше кажано дека без ПОА, Константинопол нема да го решава прашањето со МПЦ. Јас на еден констурктивен начин предизвикувам да истражите, бидејќи тој ден во Белград беше и Стефан. Повикајте го Стефан во емисија и прашајте го што му има кажано Комисијата на Цариград – рече г. Давид.
Новинарот Бранко Ѓорѓевски, пак, му возврати дека ПОА не е фактор на решавањето на црковниот проблем на МПЦ.
– ПОА не е воопшто фактор на решавањето на црковниот проблем на МПЦ-ОА. Тоа е СПЦ. Вие сте еден дел којшто треба да се турне за да се најде решение. Реалноста сега е сменета. Цариград го стави македонското барање во процедура – рече Ѓорѓевски.
Емисијата беше прекината поради тоа што, како што истакна водителката, гостите си размениле навреди.