Емоционалната отпорност кај децата е поважна од коефициентот на интелигенција

1354

Голем дел од едукативниот процес во меѓународното училиште „Нова“ во Скопје е насочен кон социјално-емоционалното образование на учениците, што едноставно може да се објасни како учење за себеси и за другите. Ова е процес преку кој низ учење и развивање свесност за сопствените емоции и искуства, како и оние на другите, учиме како да управуваме со чувствата, да развиваме и одржуваме позитивни врски, како да се чувствуваме и да покажуваме емпатија кон другите, да бидеме самосвесни, да имаме самоконтрола и самодисциплина, како да ги поставивме и да ги постигнеме личните цели и да донесеме одговорни одлуки или да применуваме позитивни стратегии за решавање проблеми.

– Емоционалните и социјалните предизвици и реалноста со која се соочуваат децата и младите во денешниот свет е нешто што не можеме да го игнорираме. Училиштето е најчесто место каде што фокусот е ставен на достигнувањата на учениците, но искуството и истражувањето покажуваат дека поединците со силни социјално-емоционални вештини можат подобро да се справат со секојдневните предизвици и да имаат корист од тоа на социјално и академско, а подоцна и на професионално ниво. Како возрасни и професионалци, ние понекогаш сме поставени пред предизвици за тоа како да им помогнеме и да ги поддржиме учениците кога им е тешко. Знаењето е моќ и колку повеќе учиме и ги образуваме учениците за социјалните и емоционалните предизвици, толку сме помоќни во промовирањето на нивната емоционална благосостојба. Не секогаш постои брзо и лесно решение, но преку разговор развиваме однос на поддршка на кој учениците можат да се потпрат кога им е тешко – вели Јана Шишковска, една од советниците во „Нова“.

Едукација за чувствителни теми

Џули Рајс е исто така советничка во „Нова“. Таа вели дека во основното училиште, двапати месечно оди низ училниците. Предава за теми како што се: решавање на проблеми, малтретирање, самодоверба, емоции, чесност, како и многу други.

– Сакам книги, затоа мојот пристап е заснован на литературата со тоа што потоа читам приказна и имам дискусија или активност со учениците. Понекогаш тоа се прави во мали групи, понекогаш тоа е со целиот клас. На крајот, учениците имаат можност да го запишат она што го научиле – објаснува Џули.

Јана вели дека учениците во повисоките одделенија во основното училиште, имаат по еден час неделно.

– Во текот на овој час, преку дискусии и активности на различни теми, работиме на здрав социјален, емоционален и физички развој. Некои од темите што ги покриваме се: дигитално граѓанство, самопочитување, зборување гласно за тоа како се чувствуваме, пубертет и свесност за телото, притисок од врсници, врски, репродукција, одговорности и последици поврзани со впуштање во сексуални односи и злоупотреба на супстанции – додава Јана.

Таа исто така потенцира дека учениците, поголемиот дел од часовите ги поминуваат на училиште, така што постои драгоцено време за користење.

– Училиштето е исто така место каде тие се вклучуваат во социјални интеракции или носат тежина од емоционални предизвици што се случиле надвор од училиштето. Ние бараме начин да заземеме проактивен пристап преку обезбедување структурирана програма за развој на овие вештини кај учениците од раните години. Воедно, ние исто така нудиме реактивни или одговорни услуги со советување и поддршка на ученици кои доживуваат социјални или емотивни проблеми што не се во состојба сами да ги решат – објаснува Јана.

Џули додава дека настрана од часовите за советување што специјално се изучуваат во училиште, редовните наставниците во училницата играат огромна улога во помагањето на учениците да ги решат своите проблеми и да ги регулираат своите емоции. Наставниците ги потенцираат и повторуваат предавањата, за да можат учениците да ги практикуваат во нивниот секојдневен живот.

Решавање на проблемот и развој на отпорност

Јана вели дека како возрасни знаеме дека кога доживуваме емоционални превирања, потешко ни е да се посветиме на нашите дневни задачи, да се фокусираме или да се сеќаваме на нешто.

– За време на адолесценцијата, вртлогот на емоционални и хемиски промени што се случуваат, го прават ова уште потешко. Без оглед на коефициентот на интелигенција, кој исто така не е стабилен и се менува во зависност од развојните промени што се случуваат во мозокот на тинејџерите за време на адолесценцијата, истиот сигурно ќе влијае на академското достигнување на учениците кои доживуваат емотивен стрес. Поддршката на интелектуалниот и емотивниот развој на учениците треба да оди рака под рака. Нашето искуство покажува дека ни треба социјално и емотивно образование сега, повеќе од кога и да било – објаснува Јана.

Џули потенцира дека нејзините две омилени теми се решавање на проблеми и отпорност.

– Јас ги учам учениците дека има големи проблеми за кои треба возрасните да им помогнат, а има и мали проблеми што можат сами да ги решат. Ако ученикот ја побара мојата помош, прашувам дали станува збор за голем или за мал проблем. Ако тоа е мал проблем, ги прашувам што направиле за да се обидат сами да го решат проблемот. Ако веќе се обиделе, тогаш се наметнувам да им помогнам да преговараат за решение. Ова им дава можност на студентите да се самозастапуваат и сами да решаваат проблеми. Родителите можат да го сторат истото и да не им помагаат во надминувањето на секој мал проблем, туку да им дозволат на своите деца да решат некои од своите мали проблеми – вели Џули.

Отпорноста е онаа способност на учениците да се вратат во нормала кога ќе им се случи нешто лошо или кога ќе имаат разочарување.

– Истражувањата покажуваат дека оние кои се ориентирани кон услуги и имаат цели, граници, активности, врски и социјално-емоционални вештини се поотпорни и можат да се справат со подеми и падови на животот. Родителите можат да ги охрабрат своите деца да помагаат низ домот, како и да постават цели и да ги поттикнат да се вклучуваат во разни активности. Родителите исто така можат да им помогнат на своите деца така што ќе ги препознаат своите емоции и ќе зборуваат за тоа со нив. Да се биде добар пример за отпорност, да се покаже дека и падот и повторниот обид се работи кои што се нормални е исто така моќен учител на децата – објаснува Џули.

Јана додава дека во повисоките одделенија од основното училиште сите аспекти кои се покриваат се еднакво важни. Тинејџерскиот мозок се подложува на огромна транзиција и има потреба да се поддржи овој чувствителен премин од детството во рана зрелост на многу внимателен начин. Најдобар начин е преку партнерство со родителите.

– Ние ја имаме оваа експертиза, како професионалци во училишен амбиент, за да обезбедиме информации кои се точни и соодветни за таа возраст. Воедно нудиме и поддршка на учениците во однос на нивната емоционална благосостојба и лична безбедност. Од друга страна, родителите се експерти за сопствените деца и ние треба да соработуваме за да излеземе со најефикасен план за поддршка на секој ученик како индивидуа – заклучува Јана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...