Судијата во судскиот процес за обвинетите за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, Илија Трпков, на почетокот на денешното рочиште извести дека биле доставени сите докази на Обвинителството за гонење организиран криминал до адвокатот Јордан Апостолски кои се состојат од еден хард диск и скенирани материјали и дека се исполнети условите да се одржи главната расправа.
Обвинети во овој предмет се Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, поранешни министри, како и Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК.
– Обвинителството ќе докаже дека обвинетите во овој судски процес сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата и изготвиле план да оневозможат мирно предавање на власта. Замислете мозаик, секој од овде присутните и обвинети се коцка во тој мозаик. Ќе слушнете дека на денот Ристовски и Јанакиески биле во штабот на партијата затоа што биле високи партиски функционери, а дека Трајко Вељаноски бил во Собранието и не знаел за настанот. Ќе слушнете дека Атанасовски бил на ракометен натпревар и таму дознал за немилиот настан. Ама не е така. Вељаноски не го спречи пеењето на химната на Албанија од страна на пратеникот Зекирија Ибраими, што беше иницијална каписла за насилствата, тој не заборави да се допишува со неговиот шеф Груевски. Дали обвинетиот се обиде да ги заштити своите колеги пратеници? Тој не само што не направи ништо, туку тој ѝ помогна на група предводена од Никола Митревски Кољо да стигне до салата 3 каде што беа новите пратеници. Ете таков човек сме имале за претседател на Собранието – рече Русковска, која го обвини и Владимир Атанасовски дека како тогашен директор соработувал со водачите на групата која направила упад во Собранието.
– Шефот на обезбедувањето Горан Ѓошевски им помогна да стигнат до сала број три каде што беа пратениците од новото парламентарно мнозинство. Атанасовски тогаш директор на УБК ги организирал членовите на групата предводени од Александар Василевски – Нинџа и водачите на патриотските здруженија. Тој лицата Оливер Радулов и Сашо Марковски ги испратил да ги одземат дисковите од надзорните камери од Собранието за да не се види тоа што се случило тој ден – додаде Русковска.
Обвинителката рече дека во текот на судскиот процес ќе презентира докази како Јанакиески и Ристовски го организирале народ.
– Ќе ги слушнете пораките кои тој ден се испраќани до членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие што ги отвориле вратите во Собранието тоа им било кажано од сега обвинетите и од Никола Груевски, кој кога требаше да се соочи со правдата кукавички избега – додаде Русковска.
На крајот таа цитираше мисла од Гоце Делчев.
– Историјата не памети кога еден народ ист по јазик, вера и традиција се разделува на толку различни страни, една од друга потуѓа – рече Русковска.
Вељаноски се изјасни за невин по обвинението.
– Класичен политички прогон е ова. Не се чувствувам виновен – рече Вељаноски на прашањето од судијата дали се чувствува виновен.
Дека не се чувствуваат виновни се изјаснија и другите обвинети, а Јанакиески исто како и Вељаноски го оквалификува судскиот процес како политички прогон.
Судењето продолжува на 9 март, а се очекува да сведочат Оливер Спасовски и Михаил Младеновски.