Активисти на Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН. бараат Владата да преземе дополнителни итни ефективни мерки за спречување епидемија со коронавирус во државава. Сметаат дека заклучоците од 11. владина седница донесени врз основа на препораките од Кризниот штаб и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, се соодветни, но недоволни.
Со цел оптимална заштита на здравјето на граѓаните и спречување на евентуално ширење на вирусот со епидемиски размери, а врз основа на член 58 од Законот за заштита на населението од заразни болести, ЕДЕН. преку соопштение денеска побараа на предлог на Министерството за здравство, техничката влада веднаш да ги активира одредбите од член 58 од Законот и да прогласи итни мерки.
Со тие мерки се бара задолжителен индивидуален скрининг според протоколите за спречување епидемии за сите патници кои влегуваат во државава, задолжителен 14-дневен строго контролиран карантин за сите патници кои доаѓаат од Италија, Хрватска, Кина, Хонгконг, Макао, Кореја и останати земји каде што има документирани случаи на коронавирус, како и задолжително ангажирање/приспособување на сите капацитети и обезбедување максимален број на простории со негативен притисок за третман на заразените.
Воедно осигурени доволни количини на COVID-19 тестови и заштитна опрема за медицинскиот персонал, доволен дотур на маски и соодветни дезинфициенси, контрола на пазарната цена и рационализација на продажбата а по потреба да активира и дополнителни мерки во согласност со Законот, официјалните информации од други земји и бројот на заболени во државава.
Бараат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да постапи во согласност со Законот за јавно здравство и да определи мерки за пропуштање на патници од подрачја со документирани случаи на коронавирус, а Институтот за јавно здравје да постапи во согласност со Законот за јавно здравство и да ги спроведува мерките од Меѓународниот здравствен правилник. Истовремено, Министерството за здравство да го објави Меѓународниот здравствен правилник на својата веб-страница како што е обврзано со Закон.
– Имајте предвид дека приближувањето на заразата во околните земји значи многу извесна опасност за Република Македонија. Ве молиме имајте предвид дека постојат поединечни случаи на инкубација од 27 дена. Македонија е земја која според Светскиот индекс за подготвеност за справување со епидемии е на 90.то место! На најниско место споредено со сите земји од Балканот и дел од африканските земји! Тоа е исклучително загрижувачки податок!, стои во соопштението.
Според активистите од ЕДЕН., основањето на кризниот штаб во рамки на Министерството за здравство не е доволно. Оттаму прашуваат врз основа на што се номинираат членовите во тој штаб, кој членува во него и дали одлуките се носат врз основа на добри практики од земји кои најдобро досега се справиле со ситуацијата, како на пример, Тајван?
Тајван, наведуваат во соопштение, уште од 23 јануари 2020 г. почнал да воведува мерки кои од ден на ден станувале сѐ построги. Забранети биле речиси сите летови од Кина, а во четиринаесетдневен карантин задолжително се сместувале лица кои само имале трансфер во Кина, Хонгконг или Макао. Кореја не ги применила мерките што ги применил Тајван и до денес Тајван има 31 потврден случај и еден починат, а Кореја има 977, со 11 починати.