Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за сторено кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека осомничениот, на 10 февруари, во напуштен објект позади прифатниот центар за бездомници „Ранка Милановиќ“ во Скопје извршил полови дејствија врз дете на возраст од 12 години.
„Тој жртвата, инаку негово вонбрачно дете со кое живеел во иста семејна заедница, ја зел во возило со изговор дека ќе ја носи во училиште, но ја однел во напуштениот објект, каде ја принудил на полови дејствија“, се појаснува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и особени околности кои го оправдуваат стравот дека би можел да го повтори делото.