Трајко Вељаноски, поранешен претседател на македонското Собрание, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешни министри и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, утре ќе влезат во судница во Основниот кривичен суд во Скопје, како осомничени дека ги организирале настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Рочиштето за овој судски процес се одложи минатата недела, откако адвокатите на обвинетите бараа увид во сите докази затоа што дел се поклопуваат со претходниот предмет за 27 април, а кој сега е во Апелацискиот суд.
Судењето го води судијата Илија Трпков кој рече дека сите докази ќе им ги достави на бранителите, но Еленко Миланов, бранител на тројца од обвинетите Вељаноски, Ристовски и Јанакиески за Плусинфо, вели дека и утре ќе немаат целосен увид во доказите кои што ги нема во посоченото цеде.
Во врска со забелешката на обвинитеката Вилма Русковска дека одбраната сака да го одолговлекува судењето затоа што пријавила по 300 сведоци за секој од обвинетите, Миланов, вели дека Вељаноски има предложено 30 сведоци, а дека поголем број се сведоци на Јанакиески и на Ристовски. Тоа, како што објаснува Миланов, е поттикнато од самото обвинение кое не прецизира кому обвинетите вршеле влијание за да спречат, како што обвинува Обвинителството „мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година“ преку организирање протести, а потоа и упад во законодавниот дом.
– Обвинителството вели дека моите клиенти влијаеле на градски и на месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ без да прецизира врз кои лица го правеле тоа, така што тоа поттикнува голем број сведоци во процесот – вели Миланов.
Адокатот Јордан Апостолски, бранител на поранешниот директор на УБК кој има предложено само десет сведоци, потсетува и на тоа дека самата процедура налага пред да почне рочиштето да се предложат сите сведоци за да можат да бидат повикани во судница и дека сепак последниот збор за предложените сведоци ќе го има судот.
– Откако одбраната ќе ги предложи сведоците, судот е тој кој на крајот одлучува за нивната релевантност, односно кои и колку од нив ќе прифати – вели авокатот Апостолски за Плусинфо, кој има сериозни забелешки на обвинението на Русковска во кое е наведено дека обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, што кулминираа со насилното влегување во Собранието.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинетите како организатори, ги вклучиле севкупната партиска структура и материјалните средства за исполнување на целта, а притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието. Во седиште на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите, според наодите на обвинителството, континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
– Сметам дека обвинението е несериозно затоа што, пред сѐ, е насочено на тоа да се сокријат вистинските сторители и да не се открие вистината за еден од најголемите настани во поновата македонска историја. Обвинителството не направи напор да ги утврди вистинските сторители, туку најде други лица кои врз основа на сведочења на неколкумина сведоци меѓу кои и амнестирани од претходниот процес за 27 април и со нивна помош во историјата се обидува да ги впише овие лица како нарачатели. Тоа е навистина крајно несериозно – вели Апостолски.
Обвинителката Вилма Русковска планира седум сведоци против организаторите од 27 април, меѓу кои е и амнестираниот Захарие Симовски, кој како обвинет призна дека носел пиштол во Собранието, потоа Александар Василевски Нинџа, кој доби затворска казна од 8 години. Како сведоци се и браќата Стефан и Михаил Младеновски кои во судскиот процес за 27 април сведочеа дека собранискиот упад e организиран со логистика од УБК.
Според обвинението на Русковска, обвинетиот Никола Груевски сега недостапен на органите на прогонот, како претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ги повикал граѓаните на протести организирани од таа политичка партија искористувајќи телевизиски медиум со зборовите „народот да не седи дома во папучи да ја земе судбината во свои раце“ за што помасовно граѓаните да се приклучат на протестите, ја ангажирал партиската структура и материјални средства.
Поранешниот претседател на Собранието Вељаноски на 27 април, според обвинението, детално го информирал партискиот лидер за сите активности и бил задолжен да го спречи изборот на претседател на Собранието. Сопартијците Спиро Ристовски и Миле Јанакиески биле задолжени за мобилизирање на членството со пораки кои беа прочитани и во претходниот процес.
„Ве молам, лицата за интервентни ситуации и сите други што можете известете ги да бидат на готовс во секој момент можеме да дадеме насоки“, „Сите членови доаѓајте испред Собрание сега е моментот“, се дел од пораките на кои се повикува обвинението.