Владата на Република Македонија во буџетот за 2018 година издвои рекорден износ на средства за поддршка на македонското стопанство, односно 46% повеќе средства од буџетот во 2017 година, се вели во информацијата од промоцијата на јавниот повик до македонските фирми.
Од денес започнува првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, на кој малите и средни претпријатија ќе може да аплицираат со предлог проекти, а за кој од буџетот се издвоени 185 милиони денари или околу 3 милиони евра. Вкупниот буџет за мерките од третиот столб изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра, а наредните два повици се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година.
На прес конференцијата на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека денес практично започнува реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, со кои се овозможува поддршка за малите и средните претпријатија.
„Со реализација на овој повик, преку директна финансиска поддршка од државата ќе се поттикне развојот на македонската економија и раст на бруто домашниот производ. Преку реализација на четирите инструменти од овој повик,за првпат се обезбедени средства, кои освен што ќе поддржат техничка помош и помош на развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи. Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи. Развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Македонија“, посочи вицепремиерот.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски во детали ги презентираше информациите во врска со повикот, при што истакна дека во повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.
„Со вложувањата во иновациите и технолошкиот ќе се обидеме и очекувам да успееме значително да го намалиме заостанувањето коешто економијата на Република Македонија го има во однос на Европската Унија. За таа цел Владата за првпат вложува буџетски средства во иновациите и технолошкиот развој. Оценувањето на доставените апликации ќе се врши преку оценка на пет главни критериуми: технолошки напредок/степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на тимот кој го спроведува проектот, потенцијал кој го има претпријатито на пазарот и влијанието на компанијата. Најголема тежина во оценувањето има потенцијалот на пазарот, бидејќи крајната цел на инвестициските вложувања е преку повисока конкурентност, компаниите да остваруваат поголем приход и профит. Во насока на транспарентноста, апликациите ќе бидат евалуирани од комисија од надворешни стручни лица, а не од администрацијата, од лица кои ќе бидат избрани на јавен повик кој ќе биде објавен наскоро. За дополнителна транспарентност ги вклучивме и трите најголеми стопански комори, кои ќе номинираат лица за работна група која ќе го следи целиот процес од моментот на објавување на повикот, се до потпишување на договорите“, посочи Деспотовски.
Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.