Нова теорија: Земјата се создала во само пет милиони години

209

Нашата планета во најраниот свој облик, т.н. „млада Земја“ се создала во рок од пет милиони години, посочува ново истражување на Центарот за формирање на ѕвездите и планетите при Универзитетот на Копенхаген.

Ова, на астрономската табела, е прилично кусо време на формирањето, коментира „Сајенс дејли“.

Тоа, на некој начин, се разликува од традиционалната теорија – дека Земјата настанала со судир на две поголеми небесни тела во временски период од десетици милиони години. Освен тоа, новата теорија говори дека „Сината Планета“ се формирала со згрутчување на космичка прашина.

– Објекти со размер од милиметар се споиле и ја создале планетава. Ова сознание за брзото обликување на Земјата е важно за целиот Сончев Систем, а говори и за тоа колкава е веројатност планетите да се обликуваат и на други места во галаксијата – објаснува Мартин Шилер, водечки автор на истражувачкиот труд.

Оваа претпоставка е поткрепена со фактот за откривањето голем број егзопланети – планети коишто не се во Сончевиот Систем, а кои астрономите ги откриле последново столетие.

– Сега знаеме дека планетите се создаваат секаде и имаме генерички механизам којшто креира планетарни тела. Кога ќе ги дефинираме овие механизми во нашиот планетарен систем, можеме да извлечеме слични заклучоци и за другите планетарни системи, како и тоа – кога и колку често може да се очекува присуство на вода на планетите. Ако теоријата за рано креирање на планетите е навистина точна, можно е водата да е само нуспродукт од создавањето планети слични на Земјата, а тоа значи дека основните услови за живот може да се најдат и на други места во Вселената – смета професорот Мартин Бизаро, коавтор на научниот труд.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...