Министерството за внатрешни работи ќе го одбележи 7 Мај – Денот на македонската полиција, со показни вежби во Скопје, Охрид и Штип во кои ќе учествуваат припадници на сите единици, а на кои очекуваат присуство на голем број граѓани.
Одбележувањето ќе почне на 4 мај во скопската касарна „Ѓорче Петров“, на 5 мај на пристаништето во Охрид, на 6 мај на Градскиот стадион во Штип и на 7 мај во Скопје.
– Граѓаните ќе имаат можност да ја видат опремата со која располага македонската полиција, како и да присуствуваат на показни вежби во кои ќе учествуваат сите единици при МВР и кои ќе ја демонстрираат својата подготвеност за справување со различни предизвици. Со задоволство ги покануваме сите граѓани да присуствуваат на овие показни вежби и да ја видат подготвеноста на македонската полиција, рече портпаролот на МВР Тони Анѓеловски.
Воедно, од МВР упатија известување до граѓаните на Охрид и на Штип дека во наредните денови во склоп на подготовките за овие настани ќе има употреба на техничко-тактички средства и затоа замолуваат за разбирање.
Портпаролот Ангеловски упати благодарност од име на МВР до сите граѓани на Скопје за трпението и разбирањето за одредени застои во сообраќајот во текот на вчерашниот ден кои беа предизвикани поради присуството на голем број делегации во главниот град за одржувањето на Брдо-Бриони Процесот. Во Скопје вчера присуствуваа осум претседатели на држави, еден премиер и тројца министри за надворешни работи, за кои беше спроведено ниво на безбедност од прв степен.