Прекршочни пријави спрема активисти од „Петоци за иднината“

Имено, обезбедувањето на Министерството надвор од своите надлежности, насилно лиши од слобода четворица средношколци од јавен простор и ги затвори повеќе од еден час во простории на институцијата, тврдат од средношколското движење.

583
FOTO Printskrin
Акцијата на средношколското движење „Петоци за иднината“, коешто вчера во 16 и 30 часот го оддржа редовниот неделен протест со што го изрази своето незадоволство кон Министерството за заштита на животната средина, заврши со прекршочни пријави спрема неколку активисти откако тие имале информативен разговор со полиција.
– Ги обоивме дланките со црвена боја која се остранува со вода и оставивме отпечатоци на надворешната страна на прозорците на Министерството, посочувајќи на изгубените животи како последица на игнорирањето на проблемот со аеро-загадување во Скопје но, и во Тетово, Битола и други градови во државата. Оставивме и порака на шеталиштето каде што граѓаните кои минуваат покрај Министерството или работат во истото, секојдневно се потсетуваат за канцерогениот воздух кој го дишат – соопштија денеска од ова движење, нагласувајќи каков бил одговорот на нивната акција.
– Одговорот на Министерството за практикување на нашите Уставно загарантирани права како што се правото на протест и слободно изразување во јавен простор беше незаконско, понижувачко и, заканувачко со цел да бидеме спречени во идни акции кон оваа институција. Обезбедувањето на Министерството, надвор од своите надлежности, насилно лиши од слобода четворица средношколци од јавен простор и ги затвори повеќе од еден час во простории на институцијата. По заплашувањата за кривични и прекршочни казни, беше повикана и полиција која наместо да не информира за правата, се обиде да изнуди признание за сторено прекршочно дело. Откако успеавме да стапиме во контакт со Хелсиншкиот комитет за човекови права и одбивме да дадеме изјави бевме ослободени од просториите. Еден од учесниците беше малолетно лице кое што без придружба на родител/старател беше одведено во полициска станица каде што, согласно нашите сознанија биле повикани родителите – велат од „Петоци за иднината“.
Од полицијата информираат дека на 21.02.2020 година во 17.10 часот на ул.Филип Втори Македонски бб поточно во Министерство за Екологија по чл.27 од ЗППЈРМ го нарушиле ЈРМ пет лица со испишување на графити во вид на дланки од раце на прозорците на Министерството за Екологија и натпис на плочникот пред прозорците со цел покренување акција за Еколошка свест.
– На лице место сочинети се пет записници за констатиран прeкршок против лицата – велат од МВР.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...