Викендов ќе фрчат казни за непрописно паркирање на Водно

226
ФОТО: Град Скопје
ФОТО: Град Скопје

За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, градските инспектори и овој викенд ќе продолжат да вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини, наведено е во соопштението од Град Скопје.

„Градските комунални редари изминатиот викенд на Водно вршеа засилени контроли за непрописното паркирање на јавни површини и изрекоа вкупно 76 казни за паркирање во зеленило (14 во сабота и 62 во недела). Благодарение на овие засилени контроли на градските комунални редари за време на викендите на Водно не се создава сообраќаен  метеж, а посетителите имаат оптимални услови за рекреација“, пишува во соопштението.

Град Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража „26 Јули“ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б – од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).

„Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно. Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а непрописното паркирање се санкционира. Град Скопје им препорачува на граѓаните да ги искористат сите овие поволности и овој викенд да ги остават автомобилите во катната гаража „26 јули“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат) и со автобус да се качат бесплатно на Водно“, стои во соопштението.

ФОТО: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...