Нема потреба од спроведување драстични мерки за прекинување на наставата во училиштата, бидејќи за да се прекине настава потребно е да се донесе одлука на ниво на влада, која прогласува епидемија на ниво на држава, истакна денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, посочи, се тие што даваат предлог за прекинување на наставата, а досега таков предлог не е направен, ниту ќе се направи во следните денови.
– Се работи за заболување кое сега го има врвот. Пикот на грипот се очекува оваа и следната недела. Согласно епидемиолошките критериуми за грип сега ќе се зголеми бројот на заболени, а во периодот што следи заради подобрување на времето и пролетните температури бројот ќе биде намален. Секој респираторен вирус и секое респираторно заболување не значи грип, секое респираторно заболување не значи бронхит и бронхопневмонија. Нормално е да има кивање, кашлање, нормално е сега да има, во сред лето нема грип – додаде д-р Караџовски, одговарајќи на новинарско прашање.