Ахмети сведочи: Сите бевме вознемирени од убиството кај Смиљковско Езеро

170

За овој грозоморен настан дознав следниот ден од медиумите. Беше многу трагичен настан, рече Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој денеска сведочи во судскиот процес „Монструм“ кој го води судијата Огнен Ставрев, а обвинителка е Фатиме Фетаи.

Таа го праша Ахмети дали за трагичниот настан разговарал со Сафет Незири кој во тоа време бил генерален секретар на ДУИ.

– Сигурно дека сум разговарал со многу луѓе, ако вреди за судот и за јавноста сите мои разговори нека се прикажат јавно. Нормално е дека не можам да се сетам на сите детали, но сум зборувал за да ја откриеме вистината за настанот, бидејќи бевме вознемирени. Јас и како претседател на партија и како пратеник имав грижа. Тоа не беше лесна ситуација, сите на некој начин бевме исплашени од овој настан и од тоа да не дојде до некој судир. Сите разговори со моите соработници беа во таа насока. На детали може да ме потсетите. Тоа беше многу лоша ситуација за сите и за мене како човек. Како партија се обидував да дадам придонес да се расчисти ситуацијата – одговори Ахмети.

Тој рече дека разговарал со меѓународната заедница, барал помош од Викторија Нуланд како помошник државен секретар на САД, а и од високи претставници на ЕУ. Нуланд му рекла дека САД не можат да помогнат во овој настан.

– И одговорот од Брисел како и од САД беше дека тие веруваат во мониторингот на ОБСЕ – рече Ахмети.

Тој додаде дека не зборувал само со Сафет туку и со многу други луѓе за евентуално да не бидат обвинети без вина.

– Не негирам дека сум разговарал со него. Добро би било судот и сите да знаат што сум зборувал со него – одговори Ахмети кој на 12 мај 2012 година од Незири побарал да се формира паралелна комисија за расчистување со случајот.

Фетаи праша што предизвикало сомнеж кај него за тој да побара паралелна комисија, а Ахмети одговори:

– Имавме потврдени и непотврдени информации дека може да се случат протести за овој настан и работите да излезат од контрола – рече Ахмети.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...