Скопската полиција поднесе кривични пријави против С.К. (25) и Г.К. (28).Поради сомнение дека извршиле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
С.К. и Г.К. биле лишени од слобода и пренесени во полициската станица Гази Баба.
Пријавените, вели МВР, во текот на годинава нелегално набавиле и вградиле систем–лабораторија за одгледување и производство на канабис, од кој преку процес на сушење, дробење и ситнење на врвните делови се добива дрогата марихуана и истата ја пакувале за понатамошно препродавање на зависници на подрачјето на Скопје.
При претресите, кај пријавените пронајдени биле 6,4 килограми марихуана и 203 саксии со стебла од растението канабис.
На 25 месецов по претходно добиени сознанија дека пријавените, инаку регистрирани сторители и на други кривични дела, се занимаваат со производство и продажба на марихуана била издадена Наредба за претрес во домот на С.К. во скопската населба Аеродром. При спроведениот претрес, на самото место бил пронајден и второпријавениот, а покрај тоа полицијата пронашла и одзела една паковка со марихуана, еден пластичен сад со засадени три садници од растението канабис, картонска кутија во која имало девет палети за производство на садници, осум прскалки, два рефлектори и други предмети.
Поради сомнение дека С.К. за своите активности ги користел и заедничките простории во подрумскиот дел, претрес бил и во тој дел, при што пронајдена била торба во која имало пет поголеми пресувани пакувања со марихуана, најлонска ќеса со поголемо пресувано пакување со марихуана и уште една најлонска ќеса со три пакувања со марихуана.
Со судска наредба претрес бил изврше и во викендичката во сопственост на таткото на С.К, лоцирана во село Морани во Скопје, која извесно време ја користел синот. При претресот во викендичката биле пронајдени 202 саксии со засадени растенија канабис со различна висина, 5 пластични туби со течност, како и инсталиран систем, односно лабораторија за одгледување на наркотична дрога – два дигитални апарати (мерачи), пумпа за прскање, прима клима, 20 електрични трафа за лампи, три тајмери, две ламби со лед диоди, ролна – фолија, метален вентилатор, алуминиумско растегливо црево и два пластични сада со капак.