Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија и Хрватска испаѓаат смешни пред целата меѓународна јавност поради реципрочните мерки кои ги воведоа една на друга.
– Важно е да разбереме дека и едните и другите испаѓаме смешни, како трупци, пред целата меѓународна јавност. Бадијала ни е што ние не сме виновни и што како држава морате да повлечете реципрочни мерки, сите испаѓаме смешни, бидејќи луѓето во светот се прашуваат – што им е на овие – изјави Вучиќ пред новинарите во Скопје, каде присуствува на Процесот Брдо-Бриони.
Тој изјави дека Србија треба да се сврти кон себе и да се обиде да не учествува во нешто, со некој друг, што би можело да го наруши нејзиниот углед.
– Тие нека ја тераат својата работа. Дајте да се свртиме кон себе и за себе да размислуваме – изјави Вучиќ.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ од Скопје порача дека Хрватска „има испружено рака за дијалог“ со Србија и оти ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ на сите држави од југоисточна Европа.