Скопското Јавно обвинителство ќе ги провери наводите на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев кои беа изнесени вчера, а се однесуваат на одржаната седница на владата на 15-ти месецов и на донесената одлука за поништување на негови решенија, за да утврди дали има неправилности кои би упатиле на извршено кривично дело кое се гони по службена должност.
Обвинителството информира дека надлежниот јавен обвинител поднел барање до владата за обезбедување на потребните податоци и писмени докази кои се однесуваат на наводите.
Претходно, до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи Славјанка Петрова беше поднесена кривична пријава против техничкиот министер на МВР Наќе Чулев за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавата се однесува на донесената телеграма од 08.01.2020 година од Чулев, со која се известуваат раководителите на организациони единици во МВР дека решенијата за распоредување потпишани од поранешниот министер за внатрешни работи кои не се врачени не треба да им се врачуваат на вработените на кои се однесуваат.
Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик на министерот од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази.
И во двата предмета, во зависност од доставените податоци и докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе одлучи согласно Законот за кривична постапка.