Кога станува збор за маркетиншкото претставување на нашите политики и успеси во медиумите, како партија сме отворени, транспарентни и одговорни. Ако видите дека сме помагале на тогашната 1ТВ, сме помагале и на Сител, на Канал 5 и на други и сме добиле сериозен маркетиншки простор преку кој сме имале можност да ги претставиме нашите политики, во време од пред пет-шест месеци пред случајот Рекет да се појави или да сум имал индиции за тоа – изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва во Прилеп.
Тој нагласува дека кога зборува за маркетиншка поддршка, најчесто тоа СДСМ го прави преку закуп на сите медиуми, како и дека тоа транспарентно го објавуваат и може да се види во ревизорските извештаи.
– Државата, нам, на политичките партии ни дава сериозни пари од граѓаните. Еден дел од тие пари се за маркетинг на нашите политички субјекти, еден дел одат за сериозни аналитички центри и за подигнување на нашите демократски капацитети, а друг дел претставуваат промоција на нашите политики и успеси, зашто веруваме дека ако политичките партии бидат подобри, и државата ќе ни биде подобра. Тоа го правиме на транспарентен начин. Ако видите дека сме помагале на тогашната 1ТВ, сме помагале и на Сител, на Канал 5 и на други и сме добиле сериозен маркетиншки простор преку кој сме имале можност да ги претставиме нашите политики – вели Заев и додава:
– Зборувам отворено, дури во едно време кога немало никакви докази, ниту сум имал некакви индиции, ниту пак претставил некој нешто пред мене, во такво едно време пред пет-шест месеци пред да се појави случајот Рекет или, пак, мене да ми биде презентиран, како совесен, одговорен претседател на Влада, сум почувствувал дека има одредено сомнително финансирање. Па затоа сум прашувал од каде, (таму велат „од фраерот од Хрватска“ или од некои други извори), зашто државата мора да води грижа за своите реперкусии од кој било аспект коишто може да настанат како штетна последица врз целото наше општество – изјави Заев запрашан за коментар во врска со тоа што пратеникот Антонио Милошоски денеска во Обвинителството ги предаде аудио-снимките што ги пушташе во Собранието.
Лидерот на СДСМ смета дека работите во ова време се променети и тоа може да биде силна порака за владеењето на правото.
– Мислам дека е јасно дека не е исто во државата. Работите многу се променија и тоа може да биде силна порака: ако Заев може да внимава, ако може носителите на јавни функции да внимаваат, ќе внимаваат судиите, обвинителите, деловните луѓе, граѓаните. Европска држава ќе бидеме ако владее правото, над сѐ, ја почитуваме правната држава и законот важи еднакво за сите – изјави Заев.
Тој категорично ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека во август во премиерската вила на Водно се сретнал со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
– Не е точно. Треба да ги проверат тие податоци како се обзезбедени. Последна средба со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева имав во Советот за реформи во правосудството, во Владата, така што ова не е точно – рече Заев.