Клучните снимки за нападот врз Села останаа за наредното рочиште, повикани да сведочат се и Заев и Ѓорчев

На денешното рочиште кое се совпадна со годишнината од упадот во Собранието на 27 април лани, цел ден се гледаа снимки.

454

По околу 8 часа поминати во судница за обидот за убиство на Зијадин Села, обвинетите и адвокатите побараа да прекине денешното рочиште бидејќи веќе се изморени и немаат доволно концентрација.

Судењето ќе продолжи на 4 мај. Тогаш ќе се продолжи пуштањето на видео снимките од „крвавиот четврток“ кои се однесуваат на нападот врз Села. Според најавите, станува збор за најважните видео снимки во овој предмет. По гледање на видео снимките, ќе се продолжи со сведоците предложени од одбраната, а меѓу нив ќе се повикаат да сведочат и премиерот Зоран Заев и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Тие ќе бидат поканети, но странките се скептични дека ќе се заврши со гледањето на снимките и оти ќе има време на наредното рочиште да се сослушуваат сведоци. Покрај нив двајца како сведоци треба да се поканат уште неколку лица.

На денешното рочиште кое се совпадна со годишнината од упадот во Собранието на 27 април лани, цел ден се гледаа снимки. Како што информиравме во текот на денот, прво се гледаа снимки од безбедносната камера што се наоѓа во ходникот над вратата од влезот во прес-салата од Собранието. На нив се гледаше доаѓањето прво на лицата со фантомки и нивниот обид да влезат во салата, а потоа и доаѓањето на поголема толпа од демонстрантите, движењето на обвинетите во ходникот, на сведоците, новинарите, пратениците, собраниското обезбедување…

Потоа се гледаа снимки од медиумите и видеа направени од мобилни телефони на присутните внатре во прес-салата. Од снимките се евидентираше присуството на обвинетите во прес-салата, дел од нивните дејствија, позицијата каде се наоѓале пратениците меѓу кои и Зијадин Села, мавањето кон нив со сталаци, столови, раскрвавените лица, обидите за бранење. Но, клучните снимки поврзани со нападот за Села останаа да се гледаат на следното рочиште на 4 мај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...