Заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово на делницата на местото на несреќата на автобусот на „Дурмо турс“ била во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет, изјави вештак од областа на градежништвото на денешното рочиште за сообраќајката кај Ласкарци.
Оградата е поставена во 2000 година, а проектот е направен во 1998 година.
Генерално пропустите, рече вештакот, се при проектирањето што нема детали за столпчето, дистанцерот и поставеноста на оградата во однос на автопатот, додека при изведувањето, е тоа што има недоволна притегнатост на оградата и нејзините делови. Тој посочи дека пропусти има и при одржувањето каде е дозволена корозија и не е држена во кондиција.
– Од сите анализи и доколку немало вакви пропусти таа не би успеала да го задржи автобусот – рече вештакот.
Испитувањата за квалитетот и издржливоста на оградата, посочи вештото лице, биле направени во Машинскиот факултет во Скопје.
– Хемискиот состав на заштитната ограда бил во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет – изјави вештакот.
Тој посочи дека тогашните стандарди за градење, во најголем дел ги имаат ЈУ стандадите.
– Од проектната документација има многу малку податоци за заштитната ограда, освен дека е избрана еднострана заштитна ограда. Во прилог има уште еден документ дека е избрана еластична заштитна ограда тип „Слобода“ – изјави вештакот.
Во текот на градбата, рече тој, извршени се измени на целокупната основа, во смисла на сите конструктивни елементи на патот – насип и заштитна ограда.
– Оградата на автопатот е почната да се гради согласно стандардите и проектот. Во еден момент во текот на градбата доаѓа до прекин на снабдување на огради од фабриката „Слобода“ – Охрид, чиј тип е избран. Промената се состои во самите елементи на оградата, од замена на формата на столпчето, на дистанцерот или одбојникот. Врз основа на А тестовите од лабораторијата на добавувачот на таа ограда, квалитетот одговара на европските норми 13/17, кои кај нас тогаш се уште не важеле – изјави вештакот.
Денеска, посочи вештакот, работиме по тие стандарди и се применуваат во цела Европа.
– Производителот ги има атестирано во сопствена лабораторија. Испитувањата ги прави фирмата од Перник, во Бугарија, а кај нас во тоа време немало таква лабораторија и прифатени се тие од производителот – изјави вештакот.
Испитувањето, рече тој, е во хемиските карактеристики на материјалот и геометријата на деловите, со што во нив нема податоци за одбојникот.
– Не е испитувано до кој степен на сила и под кој агол може да прими удар оградата – изјави вештакот.
Значењето на овој податок, посочи тој, доколку би го имале, е битен фактор во самото димензионирање и поставување на опасните места.
– Во тоа време не постоела обврска за мерења на колкава би била издржливоста при удар – изјави вештакот.
Според него, при увид на лице место е утврдено дека нема пропусти во изведбата на оградата и отстапувања од тоа што е предложено од изведувачот.
– Има отстапување во однос на геометријата на патот. Да биде подалеку од коловозот, да биде пониско или повисоко поставена – изјави вештакот.
На прашање од одбраната дали на делот на несреќата, со оглед дека има провалија, требало да се стави бетонска ограда „Џерси”, вештакот рече дека нема провалија, туку потпорен ѕид што е дел од промената на проектот.
– Не, зошто таму нема провалија, туку потпорен ѕид на оддалеченост од 2.5 метри. Не е одма провалија како на мост, туку има површина зелен појас меѓу оградата и потпорниот ѕид – изјави вештакот.
На прашање од одбраната, вештакот објасни дека висината на столбчињата кои се нарачани од Бугарија е 1.900 милиметри, а вградените на конкретниот дел на оградата се 1.600 милиметри.
– Вкопувањето на столбчето на лице место е околу 1.000 милиметри – рече вештакот.
На прашање за стандардната јачина на навртките, вештакот рече дека е околу 8,9 единици, додека цврстината на вградените на оградата на спорната делница била 5,6 единици.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се обвинети шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI