Војводата и војвотката од Сасекс, Хари и Меган, ќе мора да се откажат и од „кралскиот бренд“ откако одлучиле да се повлечат од кралските должности и финансиски да се осамостојат, пишува „Дејли мејл“.
Меган и Хари, како што се напоменува, потрошиле десетици илјади фунти на новиот сајт „Сасекс ројал“ за да го надополнат својот мошне популарен Интернет-профил. Имале намера и да го регистрираат „Сасекс ројал“ како заштитен знак во различни цели и активности, вклучувајќи облека, честитки, книги и материјал за настава.
По долготрајните и сложени разговори се верува дека британската кралица и истакнати официјални лица се согласиле дека „веќе не е одржливо“ двојката да ја користи придавката „кралски во своето брендирање“, наведува „Дејли мејл“.
Преземале и чекори со цел основање нова хуманитарна организација „Сасекс ројал“ – Фондација на војводата и војвотката од Сасекс“, а „Дејли мејл“ наведува дека сега е јасно дека ќе мора да го преименуваат.
Оваа одлука Хари и Меган наводно ја прифатиле, во согласност со своите нови професионални активности и ангажмани, дека нема да можат да ги користат кралските титули како што се надевале. Ваквиот развој на настаните претставува голем удар за Хари и Меган кои сега мора сѐ да пререгистрираат, почнувајќи од сајтот до хуманитарните организации, оценува британскиот весник.