Многу дилеми и прашалници се отвораат по најавите дека е можно првпат во плурална Македонија да се договори предизборна коалиција помеѓу македонски и партии на Албанците, за парламентарните избори на 12 април. Иако СДСМ, ДПА и Беса меѓусебно си испраќаат абери дека се отворени за предизборна соработка, сепак неизвесно е дали ќе дојдо до коалиција помеѓу трите партии, вклучително и коалициските партнери на СДСМ, или партијата на Зоран Заев сепак ќе треба да избере само една од партиите на Албанците.
Првично и СДСМ, но и ДПА и Беса, освен волја за можна соработка, се прилично воздржани во проценките за исходот , барем како што велат, додека не се сретнат и понудата за коалиција ја стават на маса за преговори. Средби помеѓу Заев и Билал Касами и Заев и Мендух Тачи се најавуваат за крајот на неделава или во почетокот на идната недела.
Тројцата лидери Заев, Касами и Тачи веќе изјавија дека се подготвени за меѓусебна соработка.
– Ние сме отворени за коалиција со сите албански партии, но сепак не зависи само од нас, туку треба да се согласи и другата страна. Ако стоиме и ако веруваме во исти вредности, тогаш се отвора патот за можни коалиции – рече Заев.
Потпретседателот на партијата Мухамед Зеќири вчера во „24 Анализа“ го стесни изборот, односно ДУИ ја отфрли како опција за зеднички настап на изборирте. Вратата ја остави отворена за Беса и за ДПА, бидејќи, како што рече, Тачи отворено им се нуди за соработака.
Касами истакна дека е подготвен за коалиција со СДСМ и ако има добра понуда, ќе биде прифатена. Тачи пак, изјави дека е подготвен за предизборна коалиција со СДСМ, но под услов ДУИ да не биде дел од новата влада и тој да биде вицепремиер. Лидерот на ДПА неодамна за „Гласот на Америка“ изјави дека не затвора врата за предизборна коалиција со СДСМ.
Сепак, на евентуалната предизборна македонско-албанска коалиција, партиите веќе наголемо анализираат што ќе добијат или изгубат од таков договор. Од СДСМ се децидни дека не разговараат со условувања и црвени линии и дека договор ќе има ако се водат од заедничките интереси и ако програмски се усогласат.
Од Беса велат дека им е важно програмската определба на партијата да биде дел од владината програма и дека реална, а не можна опција е лидерот Билал Касами да биде носител на заедничката листа со СДСМ во Шестата изборна единица.
Математиките се дека предизборната коалиција помеѓу СДСМ и Беса ќе биде добитна комбинација и дека партијата на Касами нема да изгуби гласачи Албанци, туку ќе придобие ако се оди дека македонско-албанската коалиција ќе освои 61 пратеник. Поинаква би била ситуацијата доколку на коалицијата СДСМ и Беса ѝ се приклучи и ДПА. Во таков случај, нема гаранција дека гласачите на Беса би поддржале таква соработка и би гласале за македонско-албанската коалиција.
Од ДПА не добивме став дали Тачи како услов за предизборна коалиција ќе му ги испорача на Заев веќе објавените барања. Оттука, еднакво како и во преговорите помеѓу партиите од албанскиот блок за трипартиска коалиција, која се изјалови, неизесно е дали е можна македонско-албанска предизборна коалиција во која би биле и Беса и ДПА.
На македонската политичка сцена не е првпат да се прави обид за предизборна соработка помеѓу партии од македонскиот и од албанскиот политички блок. Неуспешен обид за таква соработка имаше во 2006 година, кога тогашниот лидер на СДСМ Владо Бучковски му понуди предизборна соработка на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за парламентарните избори. Соработката ја одби Ахмети, со образложение дека е прерано и дека некои работи не смеат да се форсираат пред да созреат околностите во државата.
Праксата покажа дека партиите од двата кампуса полесно се договараат кога станува збор за локални или за претседателски избори. СДСМ и ДУИ во 2017 година на локалните избори одеа со неколку заеднички кандидати за градоначалници. Владините партнери лани на претседателските избори излегоа со Стево Пендаровски како заеднички кандидат за шеф на државата.
Но, јавноста се сеќава и на неуспешниот обид за предизборна соработка помеѓу СДСМ и ДПА за локалните избори во 2012 година. Тогаш, на неколку дена пред официјализацијата на кандидатите за градоначалници, Тачи го раскина коалицискиот договор со тогаш лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.