Милошоски ги достави „бомбите“ во Обвинителството, Русковска ќе одлучува откако ќе ги преслуша

547

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на средбата со обвинителката Вилма Русковска го предал диктафонот со аудио-запис и транскрипт од материјалот што го добил од „свиркач“.

Тој тврди дека станува збор за доказ дека експремиерот Зоран Заев бил информиран за начините на кои се финансирала 1ТВ чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски-Боки 13, првообвинет за случајот „Рекет“.

– Обвинителката беше коректна, направи записник по предадениот материјал и рече дека истиот ќе го вклучи во истрагата за „Меѓународниот сојуз“. Овие записи што јас ги предадов во Обвинителството покажуваат дека Зоран Заев знаел за финансирањето на оваа невладина организација и на 1ТВ. Јас како правник порачувам дека најдобро би било Обвинителството да го повика Заев да даде исказ во однос на сомничењата. Ова е засега сè што имам, а доколку во иднина добијам и материјал, тогаш повторно би постапил исто како што постапив сега – изјави Милошоски.

Веднаш по неговата средба со обвинителката Русковска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција испрати соопштение во кое се потврди дека пратеникот Милошоски го ставил аудио-материјалот.

„На средбата Милошоски достави аудио-материјал за кој по преслушувањето и анализа на истиот ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот“, наведено е во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...