„Бојскаути на Америка“ поднесe барање за банкрот

97

Американската извидничка организација за момчиња „Бојскаути на Америка“ синоќа поднесе барање за банкрот поради низа тужби за малтертирање и сексуално злоставување на малолетници за случаи од пред повеќе децении.

Со потегот се очекува да се отвори можност за компензација на лицата што како момчиња биле малтретирани додека биле вклучени во програмите на организацијата.

Поради серијата на тужби и судски постапки поради злоставување во организацијата, повеќе држави поднесоа измени во законите и им дозволија на тие што биле злоставени како деца, да покренат правни постапки иако делата беа застарени.

Се очекува дека стечајот на организација нема да влијае врз програмите кои повикуваат на самостојност на младината преку такви активности во природата како прошетки или походи.

Неколку илјади мажи ги обвинија извидничките лидери за малтретирање, а некои од постапките се за случаи од шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Пол Монс, адвокат кој застапува повеќе поранешни извидници, на Твитер напиша дека извидничката организација со децении прикривала случаи на сексуална злоупотреба на момчињата.
Не е јасно каков договор може да биде постигнат меѓу организацијата и оштетените.

– Дејствуваме согласно нашите принципи за социјална и морална одговорност и исплата на праведна компензација на жртвите, се истакнува во изјавата на „Бојскаути на Америка“.

Се додава дека организацијата ќе направи се за исполнување на својата мисија – да служи на младината, семејствата и локалните општини преку актуелните програми.

Стечајот е поднесен во Делавер и ќе овозможи обединување на сите тужби во едно судско дело, во обид да се постигне општ договор со тужителите, наместо постоечките средства да се трошат за борба со секој тужител посебно, и многу оштетени да не добијат компензација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...