Почна состанокот на Брдо-Бриони процесот во Скопје

106

Во скопскиот хотел „Александар Палас“ попладнево почна состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони.

Учесниците на почетокот ги пречекаа македонскиот претседател Ѓорге Иванов, како домаќин и претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор, како претставници на земјите иницијатори на овој процес.

На состанокот присуствуваат и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Специјални гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Според агендата, предвидено е заедничка прес-конференција да одржат претседателите Иванов, Грабар Ќитаровиќ, Пахор, бугарскиот премиер Борисов и претседателот на ЕС Доналд Туск.

Поради гостувањето на шефовите на држави во Скопје одреден е прв степен на безбедност и тоа од копно и од воздух. Хеликоптери го надлетуваат главниот град, а има и посебен сообраќаен режим на неколку булевари.

Состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе го проследат вкупно 156 акредитирани претставници на медиумите, 116 од Македонија и 40 од странство.

По завршувањето на официјалниот дел од состанокот, претседателот Иванов за своите гости ќе приреди вечера во еден скопски хотел. На менито се традиционална македонска храна и домашни вина, а ќе ги забавува македонскиот бенд Баклава, со нивни авторски и изворни македонски песни.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска. Називот на ицијативата е поради споделената идеја на претседателите на двете земји, на Брдо кај Крањ се одржува првиот состанок на лидерите од регионот, а Бриони, е во чест на ко-организаторот и партнерот во иницијативата, Хрватска.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...