Енергетски ознаки ќе добијат сите згради или градежни единици со вкупна корисна подна површина поголема од 250 метри квадратни кои се користат од јавниот сектор. Вакви ознаки, без разлика на вкупната корисна подна површина, ќе добијат и новоизградени згради или градежни единици кои се реконструирале и зградите кои се предмет на продажба или закуп. Енергетски контроли и ознаки нема да има за самостојни згради со вкупна корисна подна површина помала од 50 метри квадратни, згради за кои не се издава одобрение за градба, верски објект, објекти од времен карактер, помошни објекти како и згради заштитени со закон и кои се културно и споменично наследство, доколку усогласеноста со дел или сите минимални барања за енергетска ефикасност го менува нивниот карактер или изглед.
Ова го предвидува Законот за енергетска ефикасност која стапи на сила од денеска, со што се врати на сила законската регулатива за енергетска ефикасност, повлечена во март 2015 година.
Енергетската класа на објектите ќе се потврдува со сертификатот за енергетските карактеристики, а нив ќе ги издаваат ги издаваат лиценцирани контролори, за период од десет години. Издавањето на сертификатот ќе биде нашлаќано согласно Тарифникот за енергетски контроли на згради што го донесува министерот за економија, врз основа на претходна согласност од Владата.
Ознаките со нулта енергетска ефикасност, А+, А … кои соодветствуваат на европските, како што е регулирано, ќе бидат ставени на видно место во зградата и ќе бидат гаранција за енергетска ефикасност која ја поседуваат објектите.
Законот утврдува дека веќе нема да може да се даде одобрение за градба без поднесена потврда за енергетска ефикасност. Тоа значи дека инвеститорите заедно со барањето за издавање одобрение за градење нови згради или значителна реконструкција на постојна зграда или градежна единица кое се поднесува до надлежен орган, да поднесат и потврда за усогласеност која ја дава лиценцираниот енергетски контролор.
По завршување на изградбата на новоизградени згради или по значителна реконструкција на постојните згради, инвеститорот треба да поседува и сертификат за енергетски карактеристики на зградата.
Со законот се предвидува продавачот на зградата да го достави на увид овој сертификат на идните купувачи.
Министерствата за економија и за транспорт и врски кои се одговорни за градбите и нивната енергетска ефикасност треба да донесат план за зголемување на бројот на згради со приближно нулта потрошувачка на енергија и да го утврдат рокот од кога сите нови згради кои се градат, а кои се користат или се во сопственост на јавниот сектор мораат да бидат згради со приближно нулта потрошувачка на енергија.
Европската Унија, пак, предвиде рокот сите згради да имаат приближно нулта потрошувачка на енергија да биде 31 декември 2020 година.
Со лиценца за вршење на енергетска контрола на згради може да се стекне трговец поединец или правно лице кое има вработено најмалку едно лице кое има овластување за енергетски контролор на згради. Лиценцата за вршење енергетска контрола на згради важи за период од пет години, со можност за продолжување на секои пет години, додека, пак, овластувањето за енергетски контролор на згради важи за период од три години, со можност за продолжување на секои три години.
Агенцијата за енергетика води евиденција на сите лиценцирани контролори.
Со законот се регулира и означувањето на производите кои користат енергија произведени дома или се увазуваат.