Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска на една година од крвавите настани во Парламентот порача тоа никогаш да не се повтори.
Тој кажа дека ќе беше погрешно да има напишан говор, бидејќи и вечерта пред година немал напишан говор туку го кажал она што извирало од него.
– После година дена влегувам овде и го имам истото она чувство и се присетувам на ситуација кога во еден момент треба да мислам за живот или смрт. Ситуација кога маса граѓани насилно влегуваат и мислиш дека според она што е поставено системски не може да се влезе во Собранието, колку и да има луѓе однадвор. Чувството дека некој одвнатре тоа го прави е уште потешко. За жал, дознавме дека тоа одвнатре го прават наши колеги кои делат иста судбина и јадат ист леб. За жал, дел од тие кои беа и се обврзани да ги обезбедуваат животот и работа на пратениците и на службениците во Собранието не беа на нивото на својата задача – рече Џафери.
Како претседател на Собранието, сепак, и тогаш и повторно по една година, рече дека им простува на сите што не биле на нивото на задачата.
– Јас можам да им простам на сите што не беа на ниво на задачата само заради тоа да паметат дека оттогаш и натаму никогаш и никој да не го повтори тоа. За разлика од тогаш, денеска вратите на Собранието се физички сами отворени за сите добронамерници кои сакаат да не посетат и да не упатат во она што треба да биде наша обврска – рече Џафери.
На заедничката прес-конференција во Собранието се обрати и премиерот Зоран Заев.
– Нападот на 27 април во Собранието не беше напад против нас туку против демократијата, тоа беше повеќе од криминал… – рече меѓудругото премиерот Зоран Заев на заедничката прес -конференција, на годишнината од насилствата на 27 април.
Заев кажа дека се уште не може да прифати дека некои од оние што влегоа во Собранието тој ден биле подготвени и за ликвидација на некои припадници во Собранието.
Премиерот потенцираше дека мора да има правна разрешница на случајот и дека, сепак, овој настан ги поттикнал уште повеќе реформите.
На прес – конференцијата присуствуваа и пратеници на СДСМ и ДУИ, градонацалници и министри, кои лани беа во пратеничките клупи, припадници на МВР…
За насилствата на 27 април, се води постапка за обидот за убиство на Зијадин Села во Кривичниот суд . И денеска, точно на годишнината од случувањата на 27 април минатата година, се одржа рочиште. За овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.