Спасовски – Палмер: Донесените закони ја приближуваат Северна Македонија до позитивна одлука на ЕУ за старт на преговорите

111

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, за време на дводневниот престој во Брисел, оствари средба и со специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, информираат од Владата.

Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер за време на разговорот изрази честитки за донесувањето на Законот за јавно обвинителство, за Законот за одбрана, како и за другите реформски закони кои ја приближуваат Северна Македонија поблиску до позитивна одлука на ЕУ за старт на преговорите.
На средбата е поздравена определбата на Владата да го почитува и спроведува Договорот од Преспа и придобивките од него кои од Северна Македонија направија значаен фактор на стабилност во регионот и лидер во регионална соработка.
Во разговорот со специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, е потврдено пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија.
Премиерот Спасовски на средбата ги повтори заложбите на нашата земја да гради силен капацитет на институциите за да се заокружат демократските реформи дома, како и да се интензивираат проектите за зајакнување на добрососедските односи во регионот.
Спасовски потенцираше дека Владата во претстојниот период е фокусирана на организирање фер и демократски избори, како и на владеењето на правото и на борбата против корупцијата.
Во разговорот меѓу претседателот на Владата Оливер Спасовски и специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, беше потенцирано дека Северна Македонија очекува од ЕУ да ја исправи грешката од октомври минатата година и да донесе заслужена одлука за старт на преговорите во март, и дека тоа го очекуваат сите граѓани зашто земјата испорача и дека сега е време ЕУ да испорача резултати и да донесе правилна одлука.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...