Со задоцнување од час и половина, почна 135. собраниска седница што беше закажана за 11 часот. Седницата почна со гласање за Предлог-законот за јавно обвинителство при што 74 пратеници гласаа „за“, а 32 „против“.
Се слушна реакција на пратениците дека нивниот глас не е евидентиран.
Претседателот на собранието Талат Џафери побара повторно да се гласа при што процедурални забелешки побараа пратениците Лилјана Поповска од ДОМ и Ферид Мухиќ.
Поповска рече дека дел од пратениците се пожалиле дека гласањето не им било евидентирано.
Мухиќ ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Интегритетот е столб на државата. Најлесно се расипува интегритетот. Не плашете се онаму каде завршува стравот почнува слободата – рече Мухиќ.
По неговата дискусија Џафери повика пратениците да гласаат по што пратениците го донесоа Законот за јавно обвинителство со 80 гласови „за“ и 6 гласови „против“.
Откако Џафери констатира дека законот е донесен, Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница извикуваше „Криминалци“ и „Срамота“.
– Ова е класично кршење на деловник, на Устав. Констатиравте дека второто гласање е завршено и дека законот е донесен. Срамота е ова што го правите – рече Мицевски.
Тој побара првото гласање да биде важечко, а второто неважечко и побара пауза од еден час.
Џафери даде пауза од еден час.
Расправата за законот заврши во петокот, а гласањето беше оставено за денеска на последниот ден кога треба да се распушти Собранието поради парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април.