Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека ако резултатите од Извештајот на Европската комисија во март за Албанија и С. Македонија се позитивни тој би поддржал отворање на преговори со нив, за да станат членки на Унијата, е позитивен сигнал, но оти нема простор за еуфорија.
Побара од граѓаните трпеливост и смиреност се до одлуката на пролет.
– Не можев да го следам претседателот Макрон бидејќи бев на други состаноци, но од она што можев да го слушнам тоа е позитивен сигнал. Сепак сакам да им кажам на сите дека нема зошто да се храниме себе си со илузии и желби, иако многу легитимни, затоа што ова нешто не зависи од нас. Да чекаме трпеливо и да продолжиме да работиме со упорност и трпеливост за да ги сработиме работите како што би работеле ако преговорите беа отворени – порача Рама од Минхен, пренесуваат албанските медиуми.
Коментирајќи ја посетата на Минхен, Рама рече дека главниот фокус е да се вклучат што е можно повеќе земји на донаторската конференција за обнова на Албанија.
– Дојдов со една голема цел и задача, да реализирам што поголем број контакти и да направам што е можно повеќе во функција на донаторската конференција и задоволен сум што времето го искористив во полза на конференцијата. Сега останува да ги видиме резултатите иако има уште часови за работа – рече Рама.
Премиерот Рама очекува многу од Донаторската конференција за обнова на неговата земја по трагичниот земјотрес на 26 ноември.
– Тоа не значи дека на донаторската конференција ќе се соберат сите потребни средства, туку на ниво кое ќе има тежина во овој процес. Доколку се реализира ова ќе бидеме задоволни -вели Рама.
Донаторската конференција ќе се одржи в понеделник на 17 февруари во Брисел.