Доцна во ноќта хибридниот режим на Зоран Заев го покажа целото свое лице. Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи по диктат на Заев, а по формално барање на Оливер Спасовски беше разрешена, само заради тоа што го користела Република Македонија. Ова е тоталитаризам во својот класичен облик, рече денеска на прес конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска.
Пратеничката рече дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на денот ќе одлучатт дали ќе предложат ново име за технички министер за труд и социјална политика, откако рано утрово беше разрешена министерката Мизрахи поради непочитување на Уставот и Преспанскиот Договор.
– Да биде иронијата уште поголема, самиот Оливер Спасовски кога ги образложуваше причините за разрешувањето самиот користеше термин Македонија без никакви придавки или додавки. Ова е лицемерие на СДСМ. Бараа разрешување на Мизрахи заради прес конференција пред табла со Република Македонија, која патем е наследена од нејзината претходничка Мила Царовска, а самите тие користат Република Македонија во формална и неформална комуникација.
Ова само покажува дека таблата беше само повод, а вистинската причина за разрешувањето е разобличувањето на незаконските активности на Царовска и неодговорното работење на министерството во време на истата. Јавноста само треба да ги погледне прес конференциите на Рашела Мизрахи, за да види какви дубиози се случувале во Министерството за труд и социјала во време на Царовска и ќе им стане јасно зошто се бараше разрешување по итна постапка среде ноќ.
Рашела Мизрахи покажа како се сака Македонија и покрај целата хајка која СДСМ и нивните апологети ја правеа против неа. Со својата храброст, принципиелност и непоколебливост одговори на сите антисемитски напади, кои беа упатувани оркестрирано против неа уште од самиот почеток. Тоа кое што Бранко Тричковски го почна, Заев, Оливер и владеачкото мнозинство во парламентот го продолжија.
Разрешувањето на Мизрахи е обичен обид за дефокус на СДСМ од криминалите во кои Заев е заглавен до гуша, за корупцијата која цвета во Македонија, за нивното неодговорно и штетно владеење, за Луј Витон торбите, за рекетот, за плантажите со марихуана на Заеви, за тендерите и концесиите кои аболицираниот криминалец Заев ги правел.
Ова тоталитарно однесување на Заев и неговиот хибриден режим фрла сериозна дамка на изборите кои ќе се случат на 12 април, бидејќи се руши еден од суштинските постулати согласно законот за влада и законот за избори. Јасно е како ден дека Заев сака со сите можни сили да го одложи соочувањето на фер и демократски избори, бидејќи поразот кој му следи е се поизвесен. Тоа е причината за неговиот страв и неговиот очај. Тоа е причината за неговата нервоза и паника – рече Ласовска.