Заслужената позитивна одлука за почеток на пристапни преговори ќе биде валидација за досегашните напори на С. Македонија, но и истовремено потврда за кредибилноста на Европската Унија, рече денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров во обраќањето на панелот „Градење општествена издржливост во европското соседство“ во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
Димитров во своето излагање се осврна на потребата од инклузивност на „европската политика на издржливост“ во регионот што е несомнено дел од Европа и кој за своето европеизирање во сите сегменти, со акцент на владеење на правото, борбата против корупцијата економската конвергенција, оправдано очекува поголема инволвираност на ЕУ политиките.
– Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа, туку и курсот на своето политичко дејствување го усмеруваат кон европскиот модел – рече министерот.
Димитров се осврна и на новиот документ од Европската комисија и некои од предностите кои методологијата ги носи за земјите на патот кон своето евроинтегрирање, истовремено потенцирајќи ја политичката волја на земјите-членки како еден од клучните елементи за заедничка успешна европска приказна.
– Механизмот за реверзибилност на процесот не треба да ги плаши граѓаните, напротив, тие треба да се чувствуваат посигурно во однос на својата европска иднина знаејќи дека политичките предводници на процесот немаат повеќе простор за грешки. Гласно ќе бидат прозвани оние кои го уназадуваат општеството, но и ќе се даде признание на оние кои вложиле во европското реформирање на земјата – истакна тој.
Како што соопшти МНР, заедно со останатите панелисти – Маргаритис Схинас, потпретседател на ЕК задолжен за портфолиото Промоција на европскиот начин на живот, премиерот на Косово Албин Курти и Александра Томаниќ, извршната директорка на Европскиот фонд за Балкан, дискутираа за најзначајните аспекти од европските политики и нивното (не)присуство во земјите од Западниот Балкан.