Судијката во предметот „Рекет“ Васка Николовска Масевска го затвори за јавноста денешното рочиште затоа што ќе биде презентирана снимка во која има приватни разговори помеѓу Зоран Милевски Кичеец и првообвинетиот Бојан Јовановски.
По ова, новинарите ја напуштија судницата.
Снимката, како што дознаваме, трае околу два часа, а ја снимил тајно осудениот на три години затвор Зоран Милевски Кичеец. Предлогот оваа снимка да се слуша зад затворени врати го даде обвинителката Вилма Русковска.
Вчера од УСБ – то на Кичеец беа пуштени две снимки, а откако судијката образложи дека нејзината улога во постапката и согласно Законот за кривична постапка е да се грижи за заштита на приватноста, најави дека третата снимка нема да биде презентирана пред јавноста. На ова прво реагираше обвинетата Катица Јанева, а потоа и Бојан Јовановски кој побара да се обелодени, како што рече , неговиот однос со Кичеец и како тој манипулирал со него. Јанева смета дека денешната забранета за јавност снимка е клучот за „Рекет”, а дека јавноста ќе добие поинаква слика за случајот затоа што ќе се дознае кој манипулира, кој нуди поткуп, а кој прави рекет.
– Со оваа снимка почнува мојата одбрана – рече Јанева.
Јовановски, вчера се закани во судницата дека ќе ја отворел Пандорината кутија затоа што досега пред судот не биле изнесени докази, имало само сензација.
– Од овој момент ја отворам Пандорината кутија. Тоа значи дека и покрај моето нарушено достоинство, вршење на тортура, барам јавноста да не биде исклучена за да се види вистинитоста на мојот однос со Зоран Милески-Кичеец, да се види манипулацијата со мене.Ова е под секое човечко достоинство. Во досегашниот тек на постапката не видовме докази, видовме само сензационализам и понижување – рече Јовановски.
И покрај реакцијата на обвинетите, судијката Васка Николовска-Масевска реши јавноста да биде исклучена, а за другите снимки, и препорача на одбраната да ги предложи како свои докази.