Есента е работна, а зимата, пролетта и летото се за уживање во доброто старо домашно вино. Прилепчани имаат вековна традиција за која знаат големите производители, кавадарчани и неготинчани, наесен од сопствените мали семејни лозја берат или купуваат од познатите соседи грозје и за душата си прават домашно вино и јака ракија. Па да уживаат при зимските слави, да раскажуваат дека токму нивното вино е најубаво и дека само тие го знаат вистинскиот рецепт. Речиси секое семејство чува дрвени буриња, во поново време пластични, кои се свидетели на долгата традиција. Годишно се трошат по шест милиони килограми грозје за домашно вино. Секое различно, со свој, специфичен вкус и мирис.
Приказните се најдолги и најбогати за Свети Трифун, а вековната „тактика“ (пософистирано – рецептура) во Прилеп за производство на вино се препознава и во некои италијански региони.
Традицијата на производството на вино „за душа“ во Прилепско и какви сорти лози се саделе долго време ги проучува енологот „за своја душа“, терапевт во прилепското здружение на лекувани алкохоличари, заговорник за одговорно пиење, клиничкиот психолог Јован Велески.
Приказната за прилепските лозја и вина има вековна историја.
Според ампелографијата на професор д-р Настев, прилепските лозарски пространства може да се поделат на два региона: пелагониски, кој му припаѓа на пелагониско–охридскиот вински регион, најужната страна на превојот Плетвар и, вториот, топличко-радобилскиот, кој се наоѓа северно од Плетвар и припаѓа во Повардарието. Пелагонискиот се наоѓа на 600 – 750 метри надморска височина со претежно песоклива почва или белокалица, како што прилепчани ја нарекуваат, со примеси на бел песок и глина, плазика и кумсал. Лозјата се поставени на југозападна експозиција на ариден терен. Другиот, топличко-тадобилскиот регион се наоѓа во планински терен богат со дабова и мешана шума, на надморска височина од 400 до 500 метри каде што има продор на топол воздух од Повардарието. Овде почвата минеролошко-петрографски е побогата, поквалитетна, некаде со црвен рубикозен делувиум на мермерна подлога, а на други места е бела илеста земја со, недефинирана докрај, калциумова кристална решетка. Овој терен поради маховината на дрвјата е богат и со природни нитрати низ почвените седименти што го прави грозјето поквалитетно.
Историски, прилепското лозаропроизводство има долга традиција, која датира од антиката, преку средниот век, до денес. Психологот Велески многу истражува и забележува.
– Добрите физички својства на локациите биле предуслов за одгледување винова лоза поради адекватниот воден, воздушен и топлотен режим. Тука, а и во катастарот, многу често се среќава топонимот Нерезиње што алудира на места каде што лозите сами растеле без обработка. По работ на северниот и на североисточниот дел од Пелагониската Рамнина, на потег од 30-тина километри, може да се сретнат клесани камени кади за цедење шира, непосредно до некогашните лозови насади. Во селото Лопатица, на теренот од стара античка населба, сѐ уште може да се сретне правење вино во теракотни садови, ќупови од по 80 – 250 литри, закопани во земјата. Нема податоци кои стари сорти се користеле тоа време, но со оглед на тоа дека сѐ уште може да се најде верзија на примитиво, со локален назив Стара таљанска прачка, може да се претпостави дека предците на Кратошијата биле тука староседелци. Меѓу другите сорти што ги наоѓаме по напуштените лозја се среќаваат називите: беларче, зелен градешки багер, мустеник, свиделница, пупулига, бела ранка (форма на першунаста Шасла), многу ретко јапинчек и василаки, но и лисичината, дренакот, пловдината, како и стрнушина, која овде се нарекува станешина – раскажува Велески.
Во атарот на селото Никодин, од другата страна на превојот Плетвар, има стар манастир „Св. Богородица“ кој, според историските записи, бил познат по правењето манастирско вино уште во средниот век. Во близина на манастирот, надолу по плочата кон селото Фариш, постоел дворец наречен Бели полани (Бели дворови), каде што е роден основоположникот на Романската православна црква Св. Никодим Тишмански (1320-1406). Артефактите од глинени и камени садови може да се видат на локалитетот.
– Богатството на природни ресурси на овој терен било предуслов за правење одлични црвени, густи вина со специфичен вкус и мирис. Според еден запис тие вина, покрај овошните вкусови, мирисале и на земја, на темјан, на штиците од бочвите и кожата. Се користеле за религиозни ритуали по црквите и за служење во дворовите. Некои македонски амфелографи во почетокот на 50-тите на 20 век ја пронашле локалната сорта никодимка, која сега не постои, но и крупното бело грозје со локално име јадивар – смета Велески.
Првото организирано плантажно производство на грозје и на вино во Прилеп го направил агрономот Петар Поп-Антоски, кој во 1928 година завршил лозаро-овоштарство во Прага, Чешка. Во реонот на Каракамен посадил плантажа од 2,6 хектари од истиот матерјал со кој биле подигнати Кралските лозја во Демир Капија.
Во неговото лозје можеа да се сретнат 21 локални и тогаш современи француски сорти, увезени од Франција, преку Марсеј, до пристаништето во Солун, па со воз до Демир Капија. Тука можеше да се сретнат бела ранка ( Chasselas blanc), белан ( Garnacha blanca), смедеревка, жилавка, темјаника, мускат отонел (Muscat O’tonel), пловдина, лисична, багрина, кадарка, португизац, црвен гренаж (Garnacha tinto), црвена ранка (Chasselas rouge), хамбург мускат, кратошија, прокупец, примитиво, мелник, црвен и бел дренак, црвен бургундец (Pinot Noir).
Во поновата историја, плантажното одгледување лозја во пелагонискиот регион го направи комбинатот „ЗИК Прилеп“, и тоа во регионот на селата: Канатларци, Ерековци, Шелеверци. Тоа беше во 50-тите години на 20 век на површина од 84 хектари. Се одгледувале: жилавка, смедеревка, белан, пловдина, хамбург, кратошија, прокупец и афусали. Карактеристично е што тука, во овој регион, сортата пловдина имала необично висока шеќерност, до 25-26 проценти.
Велески со љубов забележува дека прилепчани се големи љубители на виното.
– Доволно е да ги погледнете дворовите на куќите и ќе забележите дека речисисекоја куќа има лозница која носи најмалку 100 килограми грозје. Во непосредната околина на градот отсекогаш имало мали традиционални семејни лозја со 300 – 500 лози, со задолжително заседен орев на меѓата и со жолта лозјарска праска – забележува Велески.
За производството на домашно вино секоја година се трошат околу 6 милиони килограми грозје, од сопствено производство или набавено од блиските реони. Прилепчани сакаат да прават домашно вино, според строги семејни рецептури, кои се постари повеќе од 3-4 генерации. Се чуваат стари дрвени дабови буриња кои, и покрај долгогодишната употреба, се во извонредна кондиција, но се набавуваат и пластични садови и инокс-опрема. Од енотехнолошката постапка се преферира натурален, органски, спонтан пристап и, главно, се користат механички методи. Од хемиските средства, освен вински квасец, се користи и по малку винобран, најмногу 10 грама на 100 литри и тука е поставена границата. Главно, се прави вино во три категотии: вино на комиње, голо и лачено вино.
Прилепчани се многу традиционални и религиозни луѓе и примената на црвеното вино во црковните обреди има значајна улога во духовниот живот.
– Еден запис од 1921 година, доставен од епархијата до винарите укажува дека виното за црквите да не се транспортира во кожни мевови, зашто не е поволно за причесна на верниците. Во постари времиња транспортот на вино се одвивал во мевови направени од кожа на коза, кои собирале и до 40 литри или во дрвени букари од 10 до 15 литри – пренесува Велески.
Вината во Прилеп се пијат четири сезони: црвените кога е поладно, а белите и розови вина, разладени, кога е потопло. Ако се прошетате во неколку прилепски куќи ќе си направите своевидна дегустација на домашни вина и секој домаќин ќе тврди дека неговиот рецепт за вино е најдобар.
Со пуштањето на чепот од бочвата, протекува и социјалната компонета во приказната, од каде е набавено грозјето, како ја прават винификацијата и како, на кој, во која пригода му се допаднало виното.
Кој е стилот на пиење вино во Прилепско? Во мудрите изреки се придружува психологот Велески.
Според народниот јунак Крал Марко, кој рекол: „…пола пијам рујно вино, а пола на Шарец му давам“, би рекле упатува на тоа – не претерувајте со пиењето на виното. Битно е да се подели со пријателите, со добронамерниците. Еден стар прилепски мераклија на виното, доктор Џартов, кој сите постари прилепчани предобро го знаат, велел: „Една чаша е лек, две се здравје, а три отров.“ А прилепчани го додаваат благословот: „На здравје нека ви е, крв да ви се стори!“