Џафери ја одложи седницата за утре и им порача на пратениците дека не прима наредби преку Фејсбук

791

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отвори седницата за законот за јавното обвинителство и откако за збор се пријавија 30 пратеници, тој продолжението на седницата го закажа за утре во 11 часот, бидејќи како што рече, јасно е дека нема расположение да се продолжи со работа.

Тој потенцира дека веќе се изјанил дека нема намера Собранието во предизборие да го направи театар. Ваквата постапка на Џафери упатува на заклучокот дека за законот за јавното обвинителство се уште не е обезбедено потребното двотретинско мнозинство.

За доцна свиканата седница, Џафери рече дека работи по Устав, а според Уставот, Собранието е во постојано заседание.

– Ако ви се спие одете спијте. Но за чекањето самите координатори си ги знаете работите – рече Џафери.

Тој им порача на пратениците дека не комуницира преку Фејсбук, откако вечерва пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски преку Фејсбук му порача веднаш и сега да закаже седница за разрешувањето на министерката за труд Рашела Мизрахи, а генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски пак напиша дека може да направат ново мнозинство.

„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на било кој начин се оневозможи гласање на важните законите, а особено Законот за јавно обвинителство, изборниот законик, Законот за одбрана разрешувањето на Мизрахи…во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“ напиша Николовски.

– Се додека примам пораки дека има можност да се создаде  друго мнозинство дека ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам преку мојата покана во текот на утрешниот ден да имаме лидерска средба согласно Пржинскиоит договор, согласно договорот за предвремените избори од 12 април, да потврдиме дека има желба да се одржат изборите на 12 април рече Џафери и додаде :

– Јас не сум политичар со Фејсбук и не комуницирам преку Фејсбук. Ми праќате наредби преку Фејсбук . Јасно е дека нема расположение да се продолжи со работа, реков дека нема да дозволам сцената на Собранието да се претвори во театар – рече Џафери.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески на Мицевски му порача дека треба да бидат коректни и да ја зборуваат вистината.

– Неколку дена ве молиме да закажете комисии, но ги закажувате па ги одложувате. Денес колега пратеник вели се уште не знаеме дали ќе бојкотираме – рече Митрески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...