Настаните во Собранието од 27 април минатата година беа показател за злоупотребата на Министерството за внатрешни работи во партиски цели. Тие немаше да се случат доколку постоеше независна контрола врз министерството, за што реформите сега веќе се во тек и некои од законските решенија веќе се донесени, а некои се во собраниска процедура.
Ова го истакнаа учесниците на дебатата „Омбудсманот меѓу социјалните надлежности и капацитетите: надворешна граѓанска контрола врз работата на полицијата“ што денеска се одржа во Скопје.
– Многу работи ќе беа поинакви и можеби немаше да го имавме 27 април 2017 година доколку постоеше независна контрола врз ова Министерство и доколку имавме стандарди по кои сите ние ќе се однесувавме. Како и да е, 27 април мора да биде поука за сите нас, за институциите, за носителите на функции, дека работите мора да ги ставиме на вистински колосек, да ги јакнеме демократските капацитети на институциите, сите заеднички да придонесеме за еден систем што ќе ја гарантира безбедноста во државата, демократските процеси, бидејќи без систем повторно се остава простор на поединци да креираат свој систем што ќе задоволува лични партиски криминални интереси – рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој додаде дека во министерството сега се подготвени да бидат предмет на контрола, објективна и добронамерна.
– Во минатото најголемите пропусти, очигледно намерни, биле токму во структурите во МВР. И денеска од позиција на министер, кога осознавам за поединечните методи на работа, имам впечаток дека во министерството постоела група на вработени која била задолжена за бришење траги и уништување докази. Група која била политички окупирана, пред се, од високо позиционирани функционери во министерството и затоа ни се случи по повеќе години да имаме одредени случаи во кои не можеме да дојдеме до вистински сознанија и да не можеме да ја затворим истрагата – истакна Спасовски.
Оцени дека контролата е потребна и колку таа повеќе се развива толку повеќе ќе го јакне интегритетот на полицијата и довербата во неа.
Народниот правобранител Иџет Мемети ги поздрави напорите на Владата за воспоставување на овој систем, потсетувајќи на извештаите во кои биле посочени забелешки за работењето на полицијата.
Посочи на проблемот за завршување на истрагите во Јавното обвинителство и оти доказите и предметите стигнуваат до таму, но не го гледаат „светлото на денот“.
-Имаме полни кутии со докази за предмети. Ќе се соберат доказите за одредени предмети и потоа се губат во јавното обвинителство – рече Мемети.
Петар Јорданоски, претставник на Советот на Европа, потенцира дека додека не се донесат законите за судови и за јавно обвинителство не може да се каже дека имаме правна рамка за надворешниот механизам.
-Сржта, вели, е брзата и ефикасна истрага во јавното обвинителство.
Гордан Калајџиев, експерт и претседател на Хелсиншкиот комитет забележа дека законските решенија непотребно се направени набрзина.
– Иако многу квалитетно го отворивме процесот, го затворивме набрзина и тоа е една од причините за слабости – рече Калајџиев.
Дебатата беше во организација на НВО Инфоцентарот и хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.