Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, учествува на министерскиот состанок за одбрана на земјите сојузнички на НАТО денеска во Брисел и е уверена дека е ова последен пат за С. Македонија да учествува како поканета земја.
– За последен пат учествувам како поканета членка, а не како полноправна членка, денес е денот кога во Република Северна Македонија се објави официјално Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и ја добивме веста дека шпанскиот Парламент ја прифати брзата трака за ратификација на нашиот протокол, нашето полноправно членство е прашање на денови, а не месеци или недели – рече Шекеринска.
Шекеринска порача дека на денешната средба „ќе покажеме дека не сме веќе тема на масата туку членка на масата.“
С. Македонија, рече таа, ќе учествува во дискусиите за иднината на присуството на НАТО во Ирак и Авганистан и е подготвена да го зголеми своето присуство во регионот.
– Уште во 2018 најавивме дека сме подготвени да го зголемиме учеството во Авганистан и бевме во преговори за техничките единици, а разговаравме за испраќање офицери во Ирак како дел од тренинг мисијата. Клучно е да се види кои се плановите на НАТО, а ние како земја што придонела многу ја оставаме можноста да го зголемиме учеството во овој важен регион – рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
Министерката ќе има повеќе билатерални средби, меѓу нив и со британскиот колега со кого ќе потпише билатерална одбранбена соработка.
– Нашата одбранбена соработка ќе биде на две земји сојузнички, навистина долг беше нашиот пат кон НАТО, и сега влегуваме со сигурен чекор – рече министерката за одбрана Шекеринска