Скопското обвинителство поднесе обвинение против две лица – контролори во Фондот за здравствено осигурување за примање поткуп.
– На 23.12.2019 година, во ресторан на булеварот „Филип Втори Македонски“ во Скопје, двајцата обвинети како службени лица – контролори во Фондот за здравствено осигурување – Подрачна единица Скопје, директно примиле имотна корист за себе и за друг во износ од 30.000 денари од оштетен сопственик и управител на приватна здравствена установа, соопшти Јавното обвинителство.
Од 16 до 19.12.2019 година во здравствената установа била извршена мобилна контрола, по што бил изготвен записник во кој биле констатирани неправилности при изготвување на образец за привремена спреченост за работа на еден пациент на кој оштетениот му бил матичен лекар.
По изготвувањето на записникот, како што стои во соопштението, една од обвинетите понудила да не биде изречена санкција за контролираното правно лице, а за возврат побарала парична награда – поткуп во износ од 30.000 денари. Од тој износ по 10.000 денари биле наменети за неа и за нејзиниот колега, како и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување.
Вториот обвинет неколкупати телефонски го контактирал оштетениот, повторувајќи му дека треба да ја даде паричната награда за да нема последици за неговата ординација. Во еден од телефонските разговори тој го договорил времето и местото на средбата во ресторанот за да се изврши примопредавање на побараните парични средства.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и Посебен предлог со кој бара продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети поради опасност од бегство, како и можност да го повторат делото што им се става на товар.